На денешните пратенички прашања, пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска, упати прашање до заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, за состојбата со Фондот за ПИОМ и динамиката на исплата на пензиите.
Тренчевска посочи дека дупката во Фондот за ПИОМ надминува една милијарда евра и дека државата секој месец мора да префрла средства за да се сервисираат пензиите. Таа предупреди дека одржливоста на Фондот е сериозно нарушена, а ставката од која се трансферираат средства од министерството кон Фондот е веќе 100% реализирана, односно парите на сметката ги нема.
Пари за исплата на декемвриската пензија нема ниту во буџетот на министерството, ниту во Фондот, бидејќи сите средства беа искористени за исплата на ноемвриските пензии. Како ќе се обезбедат средства за префрлање до Фондот кога во буџетот ги нема?, праша Тренчевска.
Во своето обраќање, Тренчевска истакна дека со популистички политики и промашени мерки, сегашната власт нанесува штета на пензискиот систем и на социјалната сигурност на граѓаните. Таа потсети дека само во периодот од 2022 до март 2024 година, пензиите беа зголемени за 30%, а дефицитот во Фондот намален од 48% на 32,5%.
Ние сме за зголемување на пензиите, но тоа мора да се прави одговорно и со стабилен фонд. Сега пензионерите се изложени на ризик, а јасно е дека со сегашниот дефицит и финансиски неодговорни одлуки, исплатите се доведени во прашање, рече Тренчевска. Таа побара јасно одговор од заменик-министерот Велковски како ќе се обезбедат средства за исплата на пензиите на 1 декември и кои чекори ќе се преземат за стабилизирање на Фондот.

