НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025

Subscribe to Updates

Get the latest creative news from FooBar about art, design and business.

НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Царовска: Најголем ризик е ништо да не преземеме, мораме подобро да ги подготвиме новите генерации

0
By Нова ТВ on May 15, 2021 ПОЛИТИКА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email

Дигитализацијата на образованието ќе се случи, независно дали во мојот мандат или пак во времето на некој следен министер. Затоа што тоа е глобален процес во кој учествуваат сите земји кои имаат намера да напредуваат преку развој на образовниот систем. Северна Македонија конечно фаќа чекор со современите стандарди за квалитет и драго ми е што тоа почна и се случува забрзано токму по моето назначување да раководам со ресорот.

Министерке, некако многу брзо се најавија и се случија крупни промени во образованието…Речиси ниедна не помина без големи реакции на јавноста, а имаме и најава за протести ширум државата. Нели ве загрижува тоа? Засегната ли е вашата политичка кариера?

Јас би била повеќе загрижена ако ништо не почне да се менува во националниот образовен систем час поскоро. Како држава која со децении е на дното според постигнувањата на учениците на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИМСС најголем ризик е ништо да не преземеме. Тоа ќе значи продолжување на праксата да создаваме генерации на кои сепак нешто ќе им недостасува во поглед на стекнатото знаење и вештини за да бидат доволно силни и подготвени да ги преземат улогите на возрасните еден ден и да продолжат да ја водат земјата напред, но и да бидат конкурентни со своите врсници од развиените земји.

Јас во мојата политичка кариера како во МОН така и претходно во МТСП, секогаш се грижам многу повеќе за развојот и реформите а помалку за мојот личен рејтинг. На политиката гледам како можност да направам важни промени во интерес на граѓани и да преземам храбри чекори кои е очекувано да предизвикаат реакции. Тоа не ме загрижува, фокусирана сум она што ќе го направиме да биде квалитетно и издржано и на крајот, да го даде потребниот резултат. Важен е интересот на учениците, важна е нивната иднина. И драго ми е што за време на мојот мандат се започнати многу крупни промени во чиј фокус се токму младите. Ги воведуваме современите светски практики и искуства во нашите училишта. Промените ќе се случат, независно дали јас ќе бидат министерка или пак, во времето на некој следен министер, затоа што се иницирани од глобалните образовни стандарди, текови и трендови.

Мислите дека се движиме во добар правец или сепак, политиките треба да се променат?

Се движиме во правецот кој одамна требаше да го фатиме, но за жал, досега државата немаше конкретен план што треба да се направи. Немаше анализи на состојбата, немаше дебата и отворен процес на креирање промени. Во последните неколку месеци за прв пат граѓаните, граѓанските здруженија, наставниците, учениците и сите други имаат можност да учествуваат во анкети и да си го кажат своето мислење. Имаат можност да учествуваат во креирањето на реформите, во утврдувањето на нови законски решенија кои ќе донесат повеќе бенефиции за различни категории тангирани со образовниот систем. И мене ми е особено драго што дискусијата се проширува и сé поголемо е учеството на оние кои имаат искрена намера да помогнат да забрзаме чекор кон интегрирање во современиот образовен свет.

Критики секогаш ќе има. Некои ќе бидат скептични дека тоа што го работите нема да успее. Некои ќе бидат вознемирени поради нарушен комодитет, некои исплашени поради потребата да се прилагодуваат на промени и нови состојби. Некои пак, поради политички мотиви ќе мора да бидат сосема на спротивната страна од вас, иако можеби не сакаат така и не веруваат дека има подобра опција. Во однос на ова само жалам што често го прават на подмолен начин преку изнесување на невистини и доведување на сограѓаните во заблуда.

Сметате ли дека иницијативата за бојкот на наставата и протестите имаат политичка позадина?

Не би си дозволила да навлегувам во дискусија за ова прашање. Јас не сакам да го политизирам овој процес и не би требало тоа да го прави никој, сепак се работи за иднината на сите деца и тука не би смеело да има место за политичко поткусурување. Ќе кажам само дека според истражувачкото новинарство и она што имавме можност да го видиме во медиумите, дел од иницијаторите имаат активни улоги во одредени политички партии и тоа сериозно фрла дамка на нивната иницијатива. Сепак јас на сите сакам да гледам како на родители кои се загрижени за иднината на своите деца што се дел од образовниот систем и легитимно е да имаат прашања и потпрашања, па и да изразат револт поради несогласување. Но, да се протестира за нешто што е повеќе од јасно дека ќе донесе подобар квалитет во наставата и современи стандарди во училиштата, не е дозволиво. Или, да си последен на ПИСА тестирање и да не сакаш тоа да се промени, сосема нормално е да тера на размислување дека во целата организација на протестот има некоја скриена заднина.

Ние се поставивме пријателски и ги слушнавме нивните барања. Барањата само делумно се однесуваа на дигитализацијата, а повеќе нa други теми како родовата еднаквост и изучувањето на религиите, што за мене беше изненадување. Соодветно одговоривме на секое во рокот кој го дефинираа како краен. На крајот поставија ултиматум за прекин на сите активности на МОН поврзани со креирање и имплементирање на промените и нормално, за нас тоа не е прифатливо. Мнозинството граѓани дадоа поддршка на програмата за работа на партијата која ме назначи да раководам со министерството, дадоа поддршка на програмата за работа на Владата во која е содржана реформата на основното образование. Јас сум цврсто убедена во исправноста на оваа реформа, имплменетацијата и подготовката оди многу добро и немам дилеми дека истата ќе го даде очекуваниот резултат. Во оваа прилика би сакала уште еднаш да ги повикам на разум и коректна дебата и напоменувам дека реформата е исклучиво во интерес на младите и нивна подобра подготовка преку образовниот процес.

Но, се добива впечаток дека незадоволството од ден во ден се зголемува кај целата јавност. На социјалните мрежи се забележуваат негативни коментари и од истакнати општествени личности. Сепак, поважни им се децата отколку нечија агенда…

Најголем дел од наставниците, родителите и учениците сакаат промени. Тоа го увидовме преку низа анкети и истражувања на јавното мислење, преку кои овие категории прв пат некој нешто ги прашал – дали се задоволни од состојбите во образованието и што мислат дека треба приоритетно да се промени.

Па, ОЕЦД и УНИЦЕФ направија анализа на нашиот национален образовен систем и точно ни ги посочија слабостите и во извештајот наведоа што треба да промениме! Светска банка исто даде свои препораки, па дури и финансиски нé поддржува да го имплементираме планот кој го подготвивме за да ги подигнеме стандардите за квалитет. Тие не поддржуваат ниту финансиски ниту логистички нешто што би процениле дека не е добро или дека нема да успее.

Вистината е дека кај нас незадоволството најчесто се појавува, или ако сакате, се зголемува поради манипулација со информации и креирање невистини. Од самиот почеток на процесот бевме сведоци колку лажни вести се споделуваа, само како пример е поврзувањето на интеграцијата на предметите со спорот кој го имаме со Бугарија. Чиста лага и манипулација која нема никаква врска со реалноста.

Ќе беше многу полесно доколку не постоеја извори на лажни вести и центри за манипулации со граѓаните, но за жал, постојат и тие впрочем се и основни извори на сила за собирање ситни дневно политички поени од страна на некои политички субјекти. Но, ќе се справиме и со нив, со чесност, искреност и отвореност кон јавноста, заедно креирање на политики и интензивна дневна комуникација за разрешување на дилемите кои постојат или тековно ќе се појавуваат.

Може ли попрецизно да објасните за граѓани како во пракса ќе функционира дигитализацијата на образованието? Се чини дека секој има своја претстава што значи овој процес.

Постојат многу меѓународни стратешки документи кои ја дефинираат дигитализацијата на образованието, како на пример оние донесените од страна на Европската комисија, да речеме „Обликување на дигиталната иднина на Европа”, или ,,Дигиталниот образовен акциски план 2021-2027“. Во нив прецизно е наведено што значи овој процес и што треба да се преземе за да се интегрира во системот на една земја. Ние Законот за учебници целосно го усогласивме со овие европски документи. Но, сакам да напоменам дека дигитализацијата не значи само воведување на електронски учебници. Тоа е само еден сегмент од дигитализацијата. Поимот е многу поширок. Подразбира креирање на стабилен систем за онлајн настава кој ќе биде применлив кога за тоа ќе се појави потреба, како што се појави поради пандемијата со Ковид 19. Подразбира примена на ИКТ во наставата, воведување на електронски услуги во образованието, како на пример аплицирање на конкурси за стипендии, аплицирање за нострификација на дипломи, уписи во основно и средно образование и така натаму.

Кај нас, сé некако дигитализацијата се поврзува само со учебниците и тоа загрижува некои граѓани кои мислат дека ќе направиме pdf учебници толку. И во ред е, ќе се потрудиме да појасниме дека не е така, но и дека дигитализацијата е поширок поим, дел од современиот свет, од многу развиени земји и кога тогаш ќе дојде и кај нас. Затоа што, тоа го наложува новото време, развојот на ИТ технологијата, начинот на живот на младите денес…Зарем треба да ги ограничуваме да применуваат интернет и компјутери за да истражуваат, да пребаруваат информации онлајн, да имаат достапност до современа литература во секое време и секаде? Не! Сите можности кои ги имаат младите во развиениот свет, треба да се потрудиме да ги направиме достапни и за нашите млади. Да не дозволиме да се почувствуваат поназад од своите врсници ширум светот и да не дозволиме да заминуваа од тука заради вакви причини.

А има и дел од јавноста кој смета дека дигитализацијата подразбира децата да седат за време на настава пред компјутери и така да учат. И тоа е тотално неточно. Наставата и натаму останува да се реализира преку интеракција наставник – ученик и тоа е основно средство за совладување на материјата. ИТ технологија ќе се применува само кога одредена тема ќе го наложи тоа.

Дали сме подготвени за дигитализација, па макар и само на учебниците? Во многу училишта нема ниту тоалети, а не па интернет и технологија.

За сé е потребно време и средства. Нашето време истекува брзо, но за среќа брзо растат и средствата со кои ќе ги поддржиме промените. Државата сé повеќе одвојува пари за образование, затоа што тоа повеќе нема третман на потрошувач, туку се третира како основа за развој на државата. Расте државниот буџет, а расте и поддршката од надворешните партнери. Веќе споменав дека Светска банка обезбедува финансии од околу 21,5 милиони евра за промените кои ги планираме да успеат. Со нив имаме проект преку кој ќе се поддржи образовната инфраструктура, ќе се набави ИТ опрема, лаборатории, кабинети по природни науки, ќе се стимулираат наставниците. Јас лично сметам дека ставот „ние немаме тоалети во училиштата, а ќе воведуваме дигитални учебници“ е целосно погрешно и назадно гледање. Што значи ова, дека треба да чекаме 4-5 години да реновираме сé, па дури потоа да правиме развој и реформи на наставните програми и помагала? Колку ќе бидеме назад за пет години, дали сме свесни? Не, сите аспекти се важни и сите треба паралелно да се развиваат од инфраструктура, преку обуки за наставници до наставни програми – сé мора да оди напред.

Самата дигитализација на учебниците ќе се воведува етапно. Прво почнуваме со четврто одделение во новата учебна година, а потоа во секоја наредна година ќе се опфаќа ново погорно одделение. Значи нема да биде одеднаш, туку ќе се случи целосно за 5-6 години од сега. Тоа е дефинирано во новата Концепција за основно образование. Во меѓувреме, согласно Законот за учебници кој е во собраниска процедура, секое училишта ќе мора да обезбеди пристап до учебниците за секој ученик. Второ, ако ученикот нема електронски уред, училиштето ќе му позајми на времено користење. Веќе правиме планови за обезбедување на таканаречени библиотечни фондови на таблет уреди кои ќе им се даваат на учениците од социјално загрозените семејства. Не на сите. Само на оние кои навистина имаат потреба, а нив ќе ги детектираме преку социјалната карта која ја води МТСП, самите општини и училиштата. Така што, никој нема да биде изоставен од наставата и сите ќе имаат достапност на книги кои и натаму ќе бидат бесплатни.

Што е со оние кои ќе користат дигитални учебници. Многу информации велат дека ќе предизвикаат негативни ефекти по нивното здравје. Какви се вашите сознанија, информации за ова прашање?

Факт е дека најголем дел од децата во државата веќе користат ИТ уреди во многу голем дел од денот. И тоа, многу често за забава – социјални мрежи и слично. Не велам дека не ги користат и за едукативни цели, но да бидеме реални, кај помалите деца сеуште не е развиена свеста за што сé може да служи интернетот и компјутерот. Тоа доаѓа со текот на времето. Ама пробајте да им го одземете уредот кога играат игри и ќе видите што ќе ви кажат. Употребата е неминовна, но нам идејата ни е прво тие помалку да го користат телефонот или таблетот, со тоа што реформата предвидува, како што веќе споменав поминување повеќе време на училиште и совладување на наставната материја на час, преку интеракција со наставникот. А кога уредот ќе го користат дома, тоа да биде за истражување, за прибирање корисни податоци, гледање едукативно видео, потсетување за веќе наученото преку отворање на дигиталниот учебник. Едноставно ИТ технологијата да се користи повеќе за едукативни, а помалку за друг вид цели. Ќе успееме во намерата, но потребна е поддршка од семејствата.

Ќе се согласите ли дека печатената книга е сепак подобра за учење?

Сите ние повозрасните сме учеле од печатени учебници. Сме подвлекувале во нив, сме ставале стикерчиња и слично. И тоа за нас било единствена опција и најдобра. Но, мора да се согласиме дека сепак сега е друго, ново време. Време на ИТ технологија која нуди многу повеќе содржини од еден хартиен учебник ограничен на 50-100 страни. Нуди анимации, нуди мултимедијални содржини кои се поинтересни за гледање отколку анимациите во еден парталав куп листови, какви што учебници добивале учениците досега и тоа била честа реакција, но немало одговор од надлежните институции.

Ние се одлучивме за комбиниран модел на примена на учебниците. Од прво до трето одделение да има печатени, бидејќи тогаш се стекнува однос кон книгата. А од четврто одделение нагоре дигиталните да бидат прва опција. Исто и лектирите ќе бидат и понатаму во печатена верзија, затоа што нивната содржина не може да се менува. Тие се дела и остануваат како трајни. Додека, поголем дел од учебниците содржат материја која е подложна на промени од аспект на нови научни достигнувања, исходи од нови анализи, нови состојби во општествата и слично. Дигиталните учебници лесно ќе може да се ажурираат секоја година, за да нема застарени податоци во нив. Зарем тоа не е голема предност во однос на печатените материјали за учење?

Стивнаа обвинувањата дека со идејата за спојување на предмети, бришете содржини…Ги убедивте ли оние кои беа најгласни дека не е така?

Како што споменав на почетокот и тогаш реакциите на дел од јавноста беа резултат на шпекулации кои имаа намера да ја оцрнат реформата. И тогаш се активираа центрите за лажни вести и ни беше потребно време за да го докажеме спротивното. А го докажавме со транспарентност, со усвојувањето на новите наставни програми за прво и четврто одделение. Тие се јавно достапни и може да се види дека ништо не е избришано. Ќе се види и во следните наставни програми кои ќе се изработуваат етапно во следните години.

Сé што треба да научат учениците е содржано во наставните програми. Единствено намалени се податоците кои наведуваа на фактографско учење и немаа никаква примена за било каква цел во животот на учениците. Нема да се учи колку мерино овци има во Австралија во одредена календарска година или колку лалиња има во Холандија и тоа да биде главно прашање на тест. Сега новите наставни програми насочуваат на учење со разбирање, преку изучување на една тема од повеќе аспекти и низ повеќе предмети. Насочуваат кон стекнување на граѓански вредности на кои досега не се посветуваше внимание, а секој европски граѓанин мора да ги поседува и се поврзани со родовата еднаквост, почитување на различностите, мултикултурализам. Во училиштето стануваат достапни содржини кои многу родители ги плаќаат за нивните деца да ги изучуваат после часовите. На пример драмски секции, изучување странски јазици и слично. Ќе им направиме на децата да им биде интересно за време на училиште, да сакаат да престојуваат таму. Тоа во моментов не е така. Ќе го надоместиме оној јаз во времето поминато на училиште од страна на нашите ученици и останатите во Европа. Вкупно 900 часови помалку време поминуваат нашите ученици на училиште во споредба со она што е европски просек. Зарем со тоа треба да сме горди?

Ќе се изучува ли историја?

Апсолутно да. И светска и национална. Разликата ќе биде што некои теми ќе се поврзуваат и со други сродни предмети – географија на пример, заради полесно совладување. Заради претставување пореалистична слика пред учениците. Ова веќе го образложив и сметам дека темата е апсолвирана и од јавноста.

Кога ќе се вратат децата во училишните клупи?

Би била најсреќна тоа да се случи уште утре, но сепак, одлуката за целосно отворање на училишните објекти за сите ученици зависи од епидемиолошката состојба во државата и од препораките на надлежните здравствени институции. Тие се стручни и врз основа на нивни анализи и проценки, постапуваме сите други. Наставата во училница нема подобра алтернатива и како што посочив, сакаме нашите ученици да поминуваат што повеќе време на училиште. Таму е нивното место.

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Потврдена е првостепената пресуда против претседателот на Република Српска

August 1, 2025

Германија ќе испорача два системи „Патриот“ на Украина како дел од договорот со САД

August 1, 2025

Протест во Шабац против рудникот за литиум

August 1, 2025

Екс премиерот на Хрватска Санадер пуштен на условна слобода

July 31, 2025

Иран: САД мора да ни ја надомести штетата пред новите преговори

July 31, 2025
ФОКУС

Честитки од државниот за Илинден

ВЕСТИ August 2, 2025

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, упати честитка до…

Одбележување на Илинден во Крушево, Пелинце и Скопје

August 2, 2025

Кијив: Ден на жалост по смртоносниот напад во кој загинаа најмалку 28 лица

August 1, 2025

Трамп ја намали царината за Македонија на 15 %

August 1, 2025

Претплати се на е-билтенот на НоваТВ

Добиј ги последните вести на твојата е-адреса.

CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2025 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.