Турскиот универзитет „Мармара“ ги демантира тврдењата дека премиерот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган го нема неопходното високо образование за да се кандидира за претседател на земјата.
Како што објави провладиниот весник „Хуриет“, Универзитетот објави соопштение, кое е придружено со копија од дипломата на Ердоган.
Во соопштението се посочува дека Ердоган завршил четиригодишни студии во Високата школа за економски и трговски науки при Истанбулската академија за економски и трговски науки.
– Подоцна таа Висока школа се трансформираше во Факултет за трговски науки на Универзитетот „Мармара“, појасни ректорот професор Зафер Ѓул.
Спорот се појави поради тврдењата на претставник на опозицијата дека Ердоган не може да се кандидира за претседател, бидејќи не завршил четиригодишно високо образование.
Заменик-претседателот на парламентарната група на Партијата на националистичка акција (МХП), Јусуф Халачоглу изјави дека во времето кога Ердоган завршил студии, факултетот не бил формиран, туку имало академија со тригодишна обука.