Турските синдикати повикаа на штрајк во целата земја по најтешката рударска несреќа во која, според последните информации, загинале над 280 рудари. Во Турција расте незадоволството како што се губат и последните надежи дека ќе има преживеани меѓу 120 рудари кои се уште не се извлечени од рудникот, пренесува Радио Слободна Европа.
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган кој го посети местото на несреќата во рудникот за јаглен во Сома се соочи со бесот на насобраните луѓе поради најтешката рударска несреќа во историјата на Турција. Неговиот автомобил беше удиран од луѓето кои бараа да си поднесе оставка.
„Вакви рударски несреќи не се случуваат само во Турција. Тие се случуваат и во многу други земји како Соединетите Држави, Кина, Франција, Белгија. Нашата земја не е во подобра позиција“, рече Реџеп Таип Ердоган, премиер на Турција.
Во истовреме во неколку градови во Турција дојде до протести на кои беше обвинувана владата дека не презема доволно мерки за заштита на работниците.
Во Истанбул полицијата употреби солзавец и водени топови за да ги растера неколкуте илјади луѓе кои носеа рударски капи и светилки. Полицијата се судри и со демонстрантите во Анкара, но и во други градови.
Прочитајте повеќе во сторијата на Радио Слободна Европа.