Катарската телевизија „Ал Арабија“, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека неколку арапски земји предложиле измени во американскиот план за завршување на војната во Појасот Газа.
Телевизијата не ги именува државите кои предложиле измени на планот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Меѓу измените се предлага по завршување на борбите Палестинската самоуправа да управува со Појасот Газа, а не привремена, преодна влада составена од палестински технократи. Арапските држави предлагаат и целосно повлекување на Израел од палестинската енклава, како и Хамас да престане со вооружените активности, но не и да се разоружа.
Арапските и муслиманските земји минатата недела беа известени за планот за завршување на војната во Појасот Газа. Планот ќе му биде презентиран и на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на утрешната средба со Трамп во Белата куќа.
Претходно, Хамас соопшти дека не го добил планот за завршување на војната во Појасот Газа.
Во меѓувреме Трамп најави дека наскоро ќе објави „нешто посебно“ за мировните преговори за Блиски Исток.
Имаме реална шанса да постигнеме нешто големо на Блиски Исток. Сите се подготвени за нешто посебно, за нешто што се случува првпат, Ќе направиме тоа да се случи, објави денеска Трамп на својата платформа „Трут соушал“ (Truth Social).
Израелскиот портал „Тајмс оф Израел“ (The Times of Israel) вчера го објави документот што Трамп му го претставил на лидерите од регионот.
Планот содржи 21 точка кои Нова тв.мк веќе ги објави.