По пауза од една ипол година, средношколците и основците од вчера повторно се вратија во училишните клупи, притоа почитувајќи ги сите здравствени протоколи. Според надлежните, новата учебна година со физичко присуство почна успешно и без проблеми, а на децата и наставниците им посакаа убав почеток и одговорно придржување до здравствените протоколи.
Во училиштата протоколите предвидуваат носење макси, дезинфекција, проветрување на простории и мерење на температура.
-Конечно детскиот џагор се врати во училиштата, што посебно ме радува, истакна вчера министерката за образование и наука Мила Царовска.
Таа потврди дека образовниот систем е целосно подготвен за почеток со физичко присуство. На децата им порача да имаат верба во себе и да не се откажуваат од зацртаните цели. Министерката упати и благодарност до родителите за посветеноста и придонесот за успешна реализација на наставата во услови на пандемија.
– Изминатиот период интензивно се подготвувавме, ги следевме препораките на надлежните здравствени институции, но и на светските организации како СЗО и УНИЦЕФ, изработивме протоколи за работа и ги преземавме сите други безбедносни мерки од здравствен аспект за да можат училиштата повторно да работат со физичко присуство на ученици и наставници, рече Царовска, потенцирајќи дека МОН е тука за сите кои имаат потреба од поддршка.
Според министерката, системот исто така е подготвен преку еден ден да се префрли и во онлајн учење доколку е тоа потребно, но смета дека тоа е најмалку посакуваното сценарио.
Затоа, им порача на сите наставници, родители и ученици да бидат одговорни и посветено да се држат до протоколите, за учениците да можат да останат подолго во училиште.
Таа напомена дека наставниците во најголем дел се вакцинирани а сега е значајно да се вакцинираат и родителите, и упати апел до сите оние кои имаат ученици дома, да се вакцинираат.
– Ако сите ги почитуваме протоколите, се грижиме за своето здравје и за здравјето на нашите најблиски, тогаш навистина имаме можност да одржиме континуитетна настава со физичко присуство, а притоа да го заштитиме и јавното здравје, рече Царовска.
Успешна работа вчера министерката им посака и на вработените во училиштата, нагласувајќи дека наставниот кадар е најважната алка во воспитно – образовниот процес.
– Од вас најмногу зависи квалитетот на генерациите кои се создаваат. Измина една година од мојот мандат. Заедно изработивме многу, но и уште повеќе останува да се сработи. Вие сте носители на промените кои заедно ги создадовме и од кои очекувањата се високи. Верувам дека ќе дадете максимум за да ги постигнеме зацртаните цели. Влогот и досегашниот труд се големи, а интересот е заеднички, нагласува Царовска.
Им порача да бидат одговорни во секоја прилика за време на овие вонредни услови за едукација, да го заштитат личното здравје и да придонесат за безбедноста на другите околу нив.
Барање за следење онлајн настава за оваа учебна година поднеле околу два отсто од учениците, што според Царовска е прифатлива бројка и се надева така ќе остане.
Градоначалникот Петре Шилегов, информираше дека Градот Скопје во сите 23 средни училиште со кои раководи во соработка со МОН и Министерството за здравство ги презема сите неопходни мерки кои ќе гарантираат безбедна посета на наставата.
Тој на средношколците вчера им посака успешен старт и тек на учебната година и очекува со заеднички сили да го задржат ова темпо, за децата да ја завршат учебната година во училишните клупи.
И според премиерот Зоран Заев, отворањето на училиштата е најпосакувана одлука, но порача дека е важно учениците да бидат одговорни и надвор од училиштата.