Аналитичарите што не знаат — или не сакаат да знаат — каде е проблемот.
Не секоја заблуда е дезинформација – но секој притисок врз сатирата е знак на страв од вистината.
Објавата на Occupy Democrats со драматичниот наслов BREAKING: FIRST PHOTOS OF TRUMP’S NEGOTIATIONS WITH IRAN LEAK се прошири на социјалните мрежи со голема брзина, предизвикувајќи реакции, споделувања и коментари. За помалку од 48 часа, објавата стана вирална, со 221.000 реакции, 27.000 споделувања и 9.400 коментари. Ја презедовме и ние во рубриката каде што се објавуваат интересни објави на социјалните мрежи.
Го читам текстот пред да се објави на порталот и си велам – оваа сатира може на прв поглед да помине како вест. И веднаш потоа се сетив на проверувачите на факти и медиумски експерти што пишуваат, говорат, па и регулираат (учествуваат во процесите на само регулација и регулација на медиумите). Ако ги следиме нивните принципи на мониторинг и анализа, треба да кренеме црвено знаменце и да кажеме дека ова е лажна вест.
Контекстот не е неутрален.
Но токму тука е проблемот. Проверувачите на факти уживаат во својата божествена неутралност, која, според мене, не е ништо друго туку комфорна детачираност од реалноста и неспособност да се согледаат контекстите – а уште помалку вредносниот систем што ја обликува јавната комуникација.
И тука доаѓаме до суштинското прашање: кому му одговара сатирата да се третира како дезинформација? Секако не на публиката, која има потреба од алатки за разбирање на реалноста. Најмногу им одговара на моќниците кои не поднесуваат критика, авторитарните лидери и нивните пропагандни машини. Кога сатирата се прогласува за „лажна вест“, не се штити јавноста – се штити моќта од исмевање, од критика и од разобличување, а тоа е првиот чекор кон нејзино апсолутизирање.
Кога сме кај сатирата, впрочем, ако авторот сака да му успее пораката, меѓу другото, еден од триковите е да биде максимално уверлив. На тоа се спротивставуваат проверувачите на факти, кои често изгледа дека немаат смисла за хумор.
Во секој случај, ефектите се различни и секако треба да се биде внимателен, бидејќи е тенка границата меѓу сатира и пропаганда, но исто толку е тенка границата и меѓу новинарската работа и пропагандата, а и често се преминува со леснотија, но за тоа помалку се зборува. Сатирата која ја нема доволно, пак, често е предмет на критики и „проверувачки“ анализи.
Речиси целата политика е претворена во едно големо глобално меме – нешто што би било урнебесно смешно да не се трагичните загуби во човечки животи и ужасно страдање на незамисливо голем број луѓе, меѓу кои најголем дел се цивили, жени, деца, изнемоштени и болни лица, невооружени мажи и момчиња…
Авторитарните структури, радикалите и разни други разбојници во јавниот простор, комуникациите и политиката, ги користат сатирата и сарказмот за да повредат и понижат, за да поттикнат омраза и насилство. Изгледа исто или слично, но не е. Дали сатирата во која се исмеваат ликови како Путин, Ким Јонг Ун, Си Џинпинг, Доналд Трамп, Мадуро, Мугабе, Орбан, Фицо и балканските неранимајковци – да ми простат оние што не ги вброив во оваа „почесна“ низа – имаат исто дејство? Нема потреба да кажам не, нели?
Впрочем, сатирата има најмалку две мошне позитивни дејства. Едното е што на привлечен начин, збогатен со литературната естетика што ја носи добрата сатира, ги открива вистинските димензии и контексти на луѓето и настаните. Втората е што хуморот и сатирата се прекрасни и исто толку ефикасни средства за нагризување на ногарките на троновите на кои се искачени диктаторите и криминалците во политиката.
Од сатира до дезинформација – тенка линија?
Ајде, ќе им направам малку ќеиф на тинк-тенкерите. Точно е дека патеката сатира до дезинформации е многу кратка. Но дали се прашале зошто е така.
Иако еден сатиричен текст или илустрација треба токму така да се чита – како сатира и ништо повеќе – формата, особено во денешно време со сите технолошки играчки што ги имаме при рака, вклучително и алармантен наслов, лесно може да биде погрешно интерпретирана како вистинска вест.
Но тоа е последица од нивото на медиумска писменост што е глобален проблем, а кој одлично го експлоатираат токму авторитарните структури. Дали затоа треба да го распнеме авторот на сатирата? Треба да одговорам на ова прашање?
Во денешно време, со масовно ниска медиумска писменост, а молскавично брза технологија на ширење и конзумирање медиумски содржини – површно и без задржување на смислата и содржината – сатирата стана таргет на критичарите од редовите на регулаторите и проверувачите на факти.
Точно е дека постои ризикот содржини што се создадени и пласирани како сатира можат да станат дезинформации. Точно е дека во одреден број случаи тоа не е секогаш доволно јасно.
Во време на тектонски геополитички поместувања и групирања, војни на агресија и хибридни закани, сè е сериозно и истовремено сè може да се изобличи и злоупотреби кога се работи за медиумската индустрија, вклучително и социјалните мрежи.
Проблемот не е во тоа што сатирата понекогаш може да биде погрешно разбрана. Проблемот е што премногу често дрските лаги се прифаќаат без отпор, додека сатирата се анализира со лупа. Таа асиметрија не е случајна – таа е симптом на јавен простор во кој критичката мисла слабее, а површната „коректност“ се претставува како врв на професионализмот.
Три работи се важни да се запомнат од оваа анализа:
- Фактите се мешаат со интерпретациите, а тука спаѓа и сатирата, пред сè, поради брзиот начин на консумирање на медиумските содржини и доминацијата на социјалните мрежи
- Политичката борба се води преку мемиња и визуелни пораки, многу повеќе отколку преку прецизно и транспарентно елаборирани презентации во јавноста – па во што е тогаш проблемот со сатирата?
- Јавноста станува бојно поле за наративи на силно спротивставени страни – во предност се авторитарните центри кои апелираат на емоциите на своите публики.
Социјалните мрежи ја обликуваат нашата перцепција за политиката, за жал, повеќе отколку професионалните медиуми. Затоа, во дигиталната ера во која живееме, критичкото читање не е избор – туку неопходност. Во спротивно, ќе се лутите на сатирата, додека разбојниците ги крадат животот и убавината на светот, гневни затоа што никогаш не успеале да разберат ниту еден филм на Монти Пајтон, а Џон Стјуарт им предизвикува необјасниво чувство на нелагодност.
Но дали треба да се воведе цензура и да се укине сатирата затоа што луѓето се неписмени, а експертите немаат смисла за хумор? Ако на ова одговорите со да, сигурен сум дека вашиот одговор најрадосно ќе го поздрават токму оние што се најчеста и најчесна мета на сатирата. Проблемот, всушност, не е во сатирата – туку во начинот на кој ја читаме, ја употребуваме и ја злоупотребуваме.
Не секоја заблуда е дезинформација – но секој притисок врз сатирата е знак на страв од вистината.
Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк





