Скршени даскички од украсните лајсни, исечен тапацир, скокање по столчињата. Ова е штета што според директорката на Македонскиот национален театар Симона Угриновска може да се види по настанот кој се случил во петокот вечерта, на прославата на годишнината од навивачката група на фудбалскиот клуб Шкупи.
-Најмногу штета е причинета на ентериерот на големата сцена и фоајето. Тоа се гледа и од видеата што се достапни преку социјалните мрежи. Но, јас мора да разграничам. Во петокот имаше два настана. Проблематичен беше вториот настан, првиот не. И ова што се случи беше најавено дека е во делот на одбележување на Денот на албанската азбука. Немавме синопсис за настанот што е вообичаено и бараме да ни приложат за секој настан и никој не очекуваше такво нешто. Само ни беше речено дека ќе има проекција на документарец и толку. Ниту бевме информирани кој ќе биде како публика. Сите напори да добиеме било каква информација останаа залудни. Бидејќи мислевме дека е во рамки на првиот настан, кој мина во најдобар ред и како гостин се појави премиерот, имавме доверба, изјави Угриновска за НОВА ТВ.
Настанот кој предизвика реакции беше спортски кажано „второ полувреме“ од одбележувањето на 111 годишнината од Денот на албанската азбука. По Свечената Академија било најавено и прикажување на документарен филм што од домаќините бил сфатен дека е во контекст на официјалниот дел на вечерта. Проекцијата била посветена на 30. години од формирање на т.н. „Шверцери“, навивачка група на фудбалскиот клуб Шкупи (поранешна Слога Југомагнат).
Угриновска вели дека како организатор на првиот дел од вечерта било Министерството за политички систем, а лице за контакт за вториот дел бил Артан Груби, актуелен пратеник од ДУИ и поранешен член на навивачката група „Шверцери“.
Откако на социјалните мрежи се појавија видеа од атмосферата во салата и однесувањето на присутните, во јавноста се наметнуваат прашања за тоа кој бил организаторот на еден таков настан, кој дал одобрување, дали на прослави со тематика што е надвор од театарската уметност им е местото во театар.
-Навистина сме ужаснати од цела оваа работа, затоа што со најдобра намера, мислејќи дека ќе се одбележува еден убав празник, ни беше најавен документарец за кој верувавме дека е во рамки на самата прослава, а не дека е за навивачка група и тие си одбележуваат нешто сосема друго, нагласува Угриновска.
Во текот на вчерашниот ден во МНТ увид вршеше полицијата и екипи на крим-техника и се чека проценката за сторената штета.
Просторот се отстапува, но не смее да „трпи“ репертоарот
Во целата приказна е сосема ирелевантно дали навивачката група се вика „Шверцери“, „Комити“, „Балисти“, „Чкембари“, итн. Трибините на стадионите и салите се најсоодветно место за таквите општествени групи, но, секако, дека секој навивач може да влезе и во театар со соодветно однесување на институцијата како што во случајот е МНТ кој важи за храм на уметноста.
-Секој сака да организира прослава во еден убав простор како што е МНТ. И ова не е првпат во МНТ да се организира настан што е надвор од театарската уметност. Ние сме, сепак, државна институција и не страшно да се отстапи театарот за некаква прослава, само да не е така често за да не трпи репертоарот. Кога станува збор за настани од јавен интерес, секако дека сме отворени за соработка и тука не може да се направи отстапка, заклучи Угриновска.
Македонскиот национален театар е под капа на Министерството за култура и одлуките за отстапување на објектот за прослави од јавен интерес се носат во меѓусебна координација меѓу трите страни. Не е првпат тука да се одржуваат и настани поврзани со спортот. Неколку години наназад во МНТ се организира и прогласувањето на најдобрите во македонскиот фудбал во организација на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), меѓутоа досега не било забележано оштетување на инвентар во објектот.
„Шверцерите“ негираат дека оштетиле инвентар

Со соопштение во текот на денешниот ден се јавија и „Шверцерите“ во кое негираат дека кршеле, дивееле и дека упатувале навредливи зборови на прославата на 30 години постоење на навивачката група што во петокот се одржа во МНТ. Таквите информации од симпатизерите на чаирскиот фудбалски прволигаш се оквалификувани како невистинити и шпекулации. Велат дека во објектот влегле организирано и го следеле документарниот филм за навивачката група и доделувањето на признаници за еминентни личности од фудбалскиот живот.
-Ние сме навивачи и навивањето е наш живот. Нема друг начин за навивање од скандирање и пеење песни, тоа и го направивме таа вечер, без никакво дивеење, кршење, со ниту еден навредлив збор, а камо ли говор на омраза. Ова е вистината и сите други информации се само во правец на оцрнување на нашата навивачка група и шпекулирање со вистината. Направивме сè да бидеме добри гости и во нашиот театар, се вели во нивното соопштение.
Од навивачката група велат дека и организирано излегле од МНТ и дека пред да излезат провериле да не случајно е направена некоја штета, но не забележале такво нешто.
Влада: Злоупотреба на гостопримството
Од Владата информираа дека настанот во МНТ на кој се случило како што велат „несоодветното однесување на навивачка група не е во организација на ниту една државна институција и не смее никако да се поврзува со владиниот настан за одбележување на Денот на албанската азбука кој помина во најдобар можен ред и за кој јавноста беше во целост запознаена“.
-Владата го оценува несоодвеното однесување како злоупотреба на гостопримството во Македонскиот народен театар, и истото најостро го осудува. Очигледно е дека организаторот на овој настан, како и иницијаторот тој да биде одржан во МНТ, не го подготвиле и организирале настанот согласно стандардите и очекувањата за манифестации што се организираат во национални културни установи од највисоко значење, се вели во соопштението,
во кое се наведува дека се очекува организаторот и иницијатор на настанот да ја надомести направената штета во Националната установа и да се извини на граѓаните за несоодветното однесување.