Граѓаните своите годишни даночни пријави до Управата за јавни приходи ќе можат да ги поднесат и в понеделник, 17 март, соопшти денеска УЈП.
„Рокот за поднесување на Годишната даночна пријава (ПДД-ГДП) и на Годишниот даночниот биланс за персонален данок на доход (ПДД-ДБ) е 15 март, а бидејќи последниот рок паѓа в сабота, неработен ден, потсетуваме дека според законот, даночните обврзници ќе можат да ги поднесат своите пријави и на 17 март 2014 година, понеделник, како прв работен ден“, информираа од Управата.
Инаку, според последните податоци, до УЈП се поднесени 108.763 годишни даночни пријави од граѓаните, од кои 760 се доставени по електронски пат. Од УЈП потсетуваат дека ГДП е бесплатна и може да се преземе преку веб-страницата на УЈП, или да се побара во даночните канцеларии на Управата. Годишната даночна пријава треба да биде пополнета во два примерока.
„Граѓанинот кој е од друг град, но работи, живее, студира…, односно е со привремен престој во Скопје, како и сите други граѓани, својата даночната пријава може да ја поднесат и во Контакт- центарот Скопје (ГТЦ втори кат, над кино ’Милениум’), кој работи секој ден од 9 до 20 часот, освен недела“, информираат од УЈП.