Украина ги отфрли обвинувањата на Русија дека го крши Женевскиот договор постигнат минатиот месец, нагласувајќи дека всушност Москва не презела никакви чекори за смирување на ситуацијата во источна Украина.
– Наместо тоа, Русија на многу начини ги поддржува терористичките групи, што дејствуваат во источните делови на Украина, кои изложуваат на опасност цивили, земаат заложници и создаваат атмосфера на терор и насилство, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи во Киев.
Украинското МНР наведува дека земјата е подготвена да преговара со руски претставник за изнаоѓање излез од кризата, но посочува дека Киев не бил информиран за неговото пристигнување во Источна Украина.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска соопшти дека по наредба на рускиот претседател Владимир Путин, во југоисточна Украина е испратен специјален претставник со цел да води преговори за ослободување на странските воени набљудувачи.