Украинскиот премиер Микола Азаров поднесе оставка, изјави прес-службата на Кабинетот на министри на Украина, јавува Интерфакс.
-Со цел да се создадат дополнителни можности за социо-политички компромис, за доброто на мирно решавање на конфликтот, направив лична одлука да побарам од украинскиот претседател да ја прифати мојата оставка од функцијата на украинскиот премиер, рече Азаров во соопштението.
Украинскиот парламент денеска одржува вонредна седница со единствена точка на дневен ред -смирување на двомесечните немири.
Се очекува парламенрците да гласаат за повлекување на спорниот закон кој строго ги ограничува демонстрациите, а токму тој закон беше повод за немирите во Украина.
Во пресрет на седницата, претседателот Виктор Јанукович се сретна со тројца опозициски лидери и се согласи да ги повлече контроверзните антипротестни закони, донесени од парламентот на 16 јануари. Но не се знае дали премиерот ќе го поддржи тоа.
Во телевизиско обраќање, министерката за правда Олена Лукаш изјави дека контроверзната легислатива ќе биде разгледувана во парламентот денеска. Таа додаде дека законодавците ќе разговараат и за прашањето на „одговорноста“ на владата.
ВИДЕО: Сцена од синоќешните протести во Киев