Водечкиот кавкаски исламист Доку Умаров ги повика своите следбеници во напад да го спречат рускиот претседател Владимир Путин во намерите да ги организира зимските Олимписки игри во Сочи 2014 година.
Во видеопораката објавена на сајтот „Кавказ центар“, кој е своевиден курир на кавкаските милитанти кои бараат исламистичка држава на Кавказ, лидерот Умаров порача дека наредбата да се нападнат руски подрачја надвор од северен Кавказ, не е повлечена.
Зимските олимписки игри треба да се одржат во Сочи на Црното море, во близина на северен Кавказ.
„Русите планираат да ги оганизираат Олимписките игри на коските на нашите претци, на коските на многу мртви муслимани, погребани на таа територија, и ние како муџахедини мораме да не дозволиме такво нешто користејќи ги сите методи кои семоќниот Алах ни ги дал“, вели Умаров во своето обраќање.
Автентичноста на записот не може да се потврди, и покрај тоа што видеоматеријалите со Умаров често пати се објавуваат на овој сајт.