Петмината исчезнати унгарски туристи кои беа пронајдени денеска уживале во убавините на Охридското Езеро пловејќи со кајчиња, додека полицијата три дена трагаше по нив.
-Странските државјани, тројца мажи и две жени, се пронајдени како пловат од Радожда во правец на Градиште, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Унгарските туристи по средбата со полицијата имале телефонски разговор со дипломатското преставништво на Унгарија во Скопје кое било известено за случајот.
Наместо да дадат објаснување за случајот унгарските туристи на новинарите им изјавиле дека уживале во убавините на Охридското Езеро.
-Охридското Езеро е најубавото место кое сум го посетил во мојот живот. Сум бил на Тајланд, Индонезија и на многу други места, но овде е преубаво, а Македонците се прекрасни луѓе.-им изјави на медиумите еден од туристите.
Со цел расветлување на случајот кој доби голем публицитет, унгарските државјани попладнево биле повикани на информативен разговор во езерската полиција за да објаснат што правеле изминатите три дена додека македонските власти трагаа по нив.