Лидерот на партијата Унитети, Гзим Острени денеска покрена граѓанска иницијатива за измената на Уставот на Македонија.
Во првиот дел бараат намалување на законскиот минимум на потписи за покренување иницијативи за измени на самиот Устав, кои сега се дефинирани со 150.000 потписи од граѓани или поддршка од 30 пратеници. Унитети предлагаат и измена на Преамбулата на Уставот, односно овозможување службена употреба на албанскиот јазик и писмото, како и измени и во однос на изборот на Претседател на државата во Собранието.
– Врз основа на анализата што ја направивме на законите, на формата на непосредната граѓанска демократија што е во состав на правниот поредок на Република Македонија, заклучивме дека овој начин на изразување на барањата на граѓаните е блокиран, посебно на Албанците. Причините се несовладливите критериуми на законот, рече Острени.
Според него, со барањето за 150 илјади граѓански потписи или потписи од 30 пратеници, Албанците тешко би можеле да го исполнат првото барање, а другото воопшто.
Унитети предлага и други измени на уставните одредби, во однос на носење на одлуките на Уставниот суд, распоредување на државниот буџет и друго.