Македонската јавност е обединета по информацијата дека постои можност да се актуелизираат помилувањата на поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов, кои беа главниот мотив за почетокот на „Шарената револуција“ во 2016 година. Експертите сметаат дека доколку тоа се случи, ќе биде поразително за правниот систем на земјава.
– Доколку Уставниот суд донесе своја одлука со која би го поништил чл.11-а од Законот за помилување, пред да го почека автентичното толкување од Собранието на РСМ, извесно е дека помилувањата од тогашниот Претседател ќе се ефектуираат односно помилуваните лица ќе побараат актот за повлекување на помилувањата да се поништи, а со тоа би се вратила во сила одлуката за помилување, која несомнено ќе има влијание во кривичните постапки. Доколку пак Уставниот суд одлучи да го укине овој член, тоа значи дека во иднина истиот нема да важи, но во овој момент нема да предизвика правни последици за изминатите одлуки за помилувања, а со тоа и во судските предмети кои ги поведе СЈО, а во кои се опфатени помилуваните лица – велат од Коалиција Сите за правично судење.
Според Коалиција Сите за правнично судење, и повеќе од очигледно е дека обвинетите во предметите, преку различни иницијативи- преиспитување на уставноста на членови од Кривичниот законик, од Законот за помилување итн. имаат намера по секоја цена да ги избегнат судсите постапки, кои за некој од овие обвинети се веќе и во завршна фаза во прв степен.”
Претседателот Стево Пендаровски во обидот на Уставен повторно да ги заживее помилувањата што ги даде Иванов препознава удар врз правната држава и демократијата.
– Јас би сакал да апелирам уште во оваа фаза на оние пет судии од Уставен кои гласаа за покренување на таа иницијатива да се разбудат на време и да сфатат дека во оваа земја повеќе Никола Груевски не е господар на нашите животи – рече Пендаровски.
В понделеник ќе се знае кога Собранието ќе расправа за барањето на СДСМ за автентичното толкување за помилувањата.
Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска го примил барањето за автентично толкување на член 11 од Законот за помилување што го поднесе пратеничката група на СДСМ.
Од Кабинетот на Џафери информираат дека барањето веднаш е проследено до пратениците и дека за тоа кога за него ќе расправа Законодавно правната комисија и Собранието ќе се знае по редовната понеделничка координација на спикерот со првите луѓе на пратеничките групи.
Министерката за правда Рената Дескоска денеска го повика Собранието да даде автентично толкување на членот 11 од Законот за помилување со цел, како што наведе, да се спречат секојдните обиди од различен тип за избегнување на правдата и обезбедување на неказнивост за сериозни кривични дела.
– Тие обиди се движат од постојано одложување на судските постапки со цел да се опструира носењето на судски одлуки, до иницирање постапки пред Уставниот суд за укинување на членови од Кривичниот законик, а сега и од Законот за помилување. Целта на сите овие манипулативни обиди е постигнување на неказнивост за кривичните дела кои беа предмет на Специјалното јавно обвинителство, а кои сега ги продолжи редовното обвинителство. Со отварањето на вчерашната постапка од страна на Уставниот суд за оценка на членот 11-а се заканува голема опасност за иднината на постапките кои се водат за и врз основа на прислушуваните материјали. Јас не сакам да прејудицирам, ниту да влијаам на било каква одлука на Уставниот суд, но за да се спречи активирање на незаконските помилувања дадени од поранешниот преседател Иванов, изјави Дескоска конференција за ставање карја на насилството врз децата на Западен Балкан.