Скопје утре (25 јуни) ќе биде домаќин на третата Парада на гордоста, која оваа година ќе се одржи под мотото „Излези за љубов! Достоинство. Еднаквост. Правда“ во организација на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Популарниот Прајд ќе почне со собир на учесниците од 17 до 19 часот во паркот „Жена-борец“, спроти македонското Собрание. По предвидените кратки обраќања на активисти и претставници на институции, ќе следи марш по скопските улици што ќе биде пропратен со ди-џеј сетови од 19 до 20 часот.
Програмата на стадионот на АРМ во Градски парк ќе почне во 20:30 часот и ќе трае до 1 часот по полноќ, а водителка на програмата ќе биде актерката Наталија Теодосиева.
„Прајдот останува важна форма на протест на ЛГБТ+ заедницата против стигмата, предрасудите и насилството“, велат организаторите кои за денес најавуваат прес конференција на која ќе бидат познати деталите за настанот.
„Манифестацијата е настан од и за ЛГБТИ заедницата, но и за сите поддржувачи на борбата за еднаков третман на сите луѓе. Прајдот е протест, но и прослава, на која ги реафирмираме надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество”, се вели во соопштението до јавноста.
Првиот „Skopje Pride“ се одржа во 2019 година, а по една година пауза поради пандемијата на ковид-19, втората парада се случи минатото лето.
Тогаш илјадници поддржувачи се собраа во главниот град на протест против негаторски политики, хомофобијата и трансфобијата, но и да ги прослават надежите за посолидарно и поправедно општество.