Утрово од 7.30 часот граѓаните го блокираа мостот „Близнаци“ меѓу општините Аеродром и Гази Баба.
Овој чекор го преземаме поради немањето слух на надлежните органи за нашите барања и се поголемото труење кое му се прави на овој народ, наведуваат од иницијативата „Стоп за Вардариште“, кои изминатите денови на истата локација организираа протести во тек на вечерните часови.
Од „Стоп за Вардариште“ најавуваат секојдневни блокади од 18часот се додека не се исполнат нивните барања:
– Итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата.
– Континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења.
– Поставување ограда околу целата депонија.
– Поставување камери вклучително термални на повеќе точки низ Вардариште кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7.
– Итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата Вардариште, согласно еколошките стандарди.
– Формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста.
– Целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад.