Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, предупреди дека без уставни измени нема вистински преговори со ЕУ, а без реформи земјата ризикува 47 милиони евра од Планот за раст.
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, предупреди дека земјата може да изгуби 47 милиони евра од Планот за раст доколку не ги спроведе потребните реформи. Во интервју за бугарскиот „Еуроњуз“, Вајц порача дека проблемот не е само во уставните измени, туку и во реформската агенда, особено во областа на владеењето на правото.
Тој оцени дека во последната година во Македонија нема видлив напредок и дека е изгубено драгоцено време. Според него, без уставни измени нема да може да започнат вистинските преговори со Европската Унија.
Без уставен амандман, нема да започнеме преговори, рече Вајц, додавајќи дека вклучувањето дополнителни малцинства во Уставот и гарантирањето на правото на самоопределување и културно изразување се дел од европските вредности и Копенхашките критериуми.
Вајц истакна дека реформите не се важни само за отворањето на преговарачкиот процес, туку и за пристапот до средствата од европскиот План за раст.
Ако земјата не ги спроведе потребните реформи, 47 милиони евра нема да отидат кај неа, туку кај соседните земји, изјави Вајц.
Како најважни области ги посочи владеењето на правото, борбата против корупцијата и независното судство. Според него, без функционални институции и правна сигурност, земјата тешко може да привлече странски инвестиции и да обезбеди економски развој.
Корупцијата е рак во нашите општества, а исто така и во Европската Унија. Прашањето е дали имаме институции, законодавство и власти кои се способни и подготвени да дејствуваат, рече Вајц.
Тој ја отфрли можноста за повторно преговарање на Преговарачката рамка, нагласувајќи дека барањето за уставни измени не е предмет на нови преговори. Според него, тоа е предуслов што земјата мора да го исполни ако сака да продолжи кон ЕУ.
Вајц оцени дека постои прозорец на можности за земјите од Западен Балкан, бидејќи актуелната геополитичка ситуација ја засилува поддршката за проширување на Европската Унија. Сепак, предупреди дека Македонија може да ја пропушти оваа шанса ако Владата не покаже јасна политичка волја за реформи.
Ако владата во Северна Македонија не ја искористи оваа можност, се плашам дека тоа ќе разочара голем дел од нејзиното население, рече тој.
Вајц посочи дека, доколку Македонија сериозно се посвети на реформите, сè уште има шанса да се приклучи кон групата земји како Албанија и Црна Гора, кои напредуваат во процесот на пристапување. Но, како што рече, во моментов не гледа доволна политичка волја, особено во делот на владеењето на правото и независноста на судството.




