Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл денеска во Скопје ги продолжува средбите со координаторите на пратеничките групи во Собранието на Македонија. Потоа, како што е најавено, ќе следува и брифинг со претседателот на Собранието Талат Џафери и со амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар.
На овие средби се разговара и за можноста за отпочнување дијалог меѓу различните пратенички групи во Собранието на одредени теми.
Овој дијалог, под покровителство на Европскиот парламент, има за цел да придонесе кон создавањето на позитивна атмосфера во Собранието и подобра комуникација на опозицијата и власта по однос на одредени прашања.
– Би сакале да разговараме за проектот „Жан Моне“ на Европскиот Парламент што значи подигнување на дијалогот на политичките играчи во Македонија и интеракција со парламентарците од Европскиот Парламент, рече вчера кусо Вајгл во изјава за медиумите.
НОВА ТВ во октомври објави дека европските пратеници, посредувачи во нашата криза Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштај, заедно со комесарот Јоханес Хан, го бараат начинот за суштински исчекор во македонската ЕУ интеграција.
Нивната идеја е, помеѓу другото, одржување повеќе редовни состаноци на кои ќе бидат поканети лидерите на сите парламентарни партии и на кои нашите лидери ќе учат што значи и како се одива вистински политички дијалог и како се доаѓа до консензус во политиката. Проблем со кој Македонија се соочува долги години.
Како симбол за ЕУ интеграцијата, овие состаноци би се одржувале во Франција, во куќата на “таткото на ЕУ” Жан Моне.