Во Македонската опера и балет вечера, со гала оперски концерт започнува 35-тата летна културна манифестација „Скопско лето“. Наместо на плоштадот „Филип Втори Македонски“ како што првично беше најавено, поради врнежлвото време концертот ќе биде изведен во МОБ.
Ќе настапат солистите, хорот и оркестарот на МОБ под водство на диригентската палка на Бисера Чадловска. На програмата се арии од „Кармен“ на Бизе, „Риголето“ и „Набуко“ од Верди, „Кавалерија рустикана“ на Маскањи, „Севилскиот бербер“ на Росини, арии од „Боеми“ и „Мадам Батерфлај“ на Пучини, од „Лилјакот“ на Штраус, „Хофманови приказни“ на Офенбах…
Во исто време, покрај свеченото отворање во МОБ, на првиот ден од фестивалот во Мала станица ќе биде претставен мултимедијалниот проект на Гоце Наневски – „Мо(ну)мент“, како и целодневен настап на улични музичари во организација на Универзалната сала.
Во 40-те дена фестивалска програма ќе бидат изведени голем број концерти, театарски претстави, перформанси, премиерни изведби.