Граѓанската иницијатива „Веритас“, која стои зад протестите пред Општина Центар, а кои се организирани со цел да се спречи уривањето, како што велат, на црквата Св. Константин и Елена, испратија соопштение до јавноста во кое изразуваат згрозување „од безобразните лаги“ што градоначалникот Жерновски, според нив, ги шири во јавноста „во обид да се испере од срамот“.
– Кога тој вели дека црквата нема да се урива, јавноста треба да знае дека тој лаже. Имено, Жерновски инсистира противзаконски и противуставно да се укине ДУП-от, во кој е предвидена црквата Св. Елена и Константин и да се врати во правна сила стариот ДУП во кој што црквата не е предвидена – се вели во соопштението.
Тие додаваат и дека, бидејќи во стариот ДУП ја нема предвидено црквата Св. Константин и Елена, по неговото усвојување црквата ќе се третира како дивоградба и таа ќе биде срушена.
Жерновски пред новинарите рече дека граѓаните се изманипулирани и апелираше да се смират страстите. Седницата на Советот на општина Центар е во прекин, а до прекинот дојде кога групата демонстранти насилно влезе во просториите на Советот на Општината. При упадот беше направена и помала материјална штета со кршење на прозорци од страна на демонстрантите.