Министерството за надворешни работи ја информира јавноста дека веста за оставката на министерот Никола Димитров е лажна.
Попладнево некои од медиумите соопштија дека министерот дал оставка од функцијата, но од Министерството тоа веднаш беше демантирано.
– Министерот за надворешни работи на Република Македонија, како и досега, така и понатаму, ќе продолжи посветено да работи на европската и евроатлантската иднина на земјата, со цврста верба во решителноста и јасно изразената мнозинска волја на вчерашниот референдум.
Во овие клучни времиња за Република Македонија, најмногу од се’ е потребна мудрост, разум и храброст за преземање одлучни чекори за конечно обезбедување иднина за нашите граѓани.
Повикуваме на одговорност за овој груб фалсификат, кој и покрај аматерскиот и крајно очајнички обид за лажно продуцирање на официјален акт на министер во Владата на Република Македонија, прави голема штета со тенденциозното пласирање на една огромна невистина – пишува во демантот од МНР.
Никола Димитров на функцијата министер за надворешни работи дојде од позицијата надворешен експерт при Меѓународниот центар за правна соработка во Хаг, Холандија.

