Ситуацијата во Идомени е смирена по вчерашните неуспешни обиди на бегалците да влезат во Македонија. Сепак, речиси секој ден има тензии со бегалците кои упорно сакаат да продолжат по балканскиот пат за да одат во западна Европа.
Невладината Лекари без граници утринава преку Твитер јави дека околу 200 луѓе утринава дошле на границата со Македонија и поставиле вагон пред полициската кола.
И додека Македонија ја обвинува Грција за пасивност која не помага во оваа криза а Грција ја обвинува Македонија за употреба на прекумерна сила во протестите, Европската комисија (ЕК) денес испрати порака до мигрантите, невладините организации на теренот и двете влади.
Портпарол во име на ЕК им порача на бегалците од Идомени да одат во бегалските кампови кои или постојат или се градат во Грција во околината на Солун.
“ЕК ќе продолжи да ги повикува мигрантите да бидат релоцирани во центрите за прием во Грција и дека не треба да тргнуваат на пат кој е нелегален и опасен”, рече портпарол на ЕК.
И додаде дека сите влади и невладини организации треба на мигрантите во Идомени да им дадат коректна информација за да се избегнат понатамошни инциденти.
И покрај официјалните деманти на МВР дека вчера не биле употребени гумени куршуми, Лекари без граници го тврдат спротивното.
Лекари без граници: “Им дадовме помош на 30 до 40 луѓе, пред се мажи но и жени и деца кои биле удрени со гумени куршуми на сите делови на телото. Три деца под 10 години биле повредени во глава”, тврди Јонас Хенсен, портпарол на организацијата и додава дека сведочењата потврдуваат дека гумените куршуми ги испукала македонската полиција.
Според оваа организација вчера биле повредени околу 300 мигранти.
Истовремено Атина, според АФП, стапила во контакт со земјите на ЕУ, како Словенија и Унгарија, кои испратиле набљудувачи-полицајци од македонска страна и почнала акции за да се утврди што навистина се случило.
ЕК денес исто така потврди дека минатата недела од Грција во Турција биле вратени 325 мигранти, кои не поднеле барања за азил. Од Турција кон ЕУ, според договорот „еден за еден“, биле префрлени 74 сириски бегалци. Досега се преземени две операции за враќање на мигрантите од Грција за Турција а оваа недела се подготвуваат и други но портпаролот не можеше да потврди кога тоа ќе се случи.
Секој мигрант кој ќе побара азил во Грција не може да биде вратен во Турција бидејќи според европските правила неговото барање треба да се разгледа пред да се донесе одлука. Откако почнаа операциите за враќање на мигрантите во Турција бројот на барања за азил во Грција е огромен па така тие што чекаат одговор за азил не смеат да се испратат во Турција. Грчките служби се преоптоварени со илјадници барања за азил и разгледувањето споро се одвива и се чекаат европски службеници кои треба да им помогна на Грците.