Општината Македонски Брод е една од најсиромашните во Македонија. Нема големи индустриски капацитети, далеку е од главните патни делници, а младите масовно се иселуваат. Веќе три мандати по ред на чело на општината е градоначалникот Милосим Војнески, кој и покрај четирите кривични пријави од МВР за злоупотреба на службената положба, најавува дека ќе се бори за четвртиот мандат.
Политичките противници велат дека градоначалникот владее со популизам, закани и уцени и ги контролира сите вработувања во локалната власт.
Жителите на Македонски Брод се плашеа јавно да го критикуваат Војнески, освен малкумина кои рекоа дека тој успешно игра со двете страни и затоа опстојува на власт толку години.