Од Министерството за внатрешни работи вечерва се јавија со реакција по повод тврдењето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека при појавувањето на вооружени лица полицијата ја немало на потребното место.
„МВР целосно ги демантира тврдењата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека полицијата не била присутна и не реагирала при инцидентот кај споменикот Скендербег. Напротив, полицијата беше на лице место, во истиот момент реагираше и го спречи насилството, а едно лице веднаш беше приведено кое е осомничено за пукање од огнено оружје. За време на протестите полицијата е целосно на ниво на задачата и апелираме партиите да престанат со дезинформации. Во видеото во прилог точно се гледа колку брзо повеќе од десет припадници на полицијата реагираат и спречуваат поголем инцидент“, посочуваат од МВР.