Дваесет и пет лица загинаа, а стотици се повредени во најсилна вулканска ерупција во последниве децении во Гватемала.
Вулканот Фуего, што се наоѓа на околу 40 километри југозападно од главниот град Гватемала, исфрла камења, црн чад и пепел на небото.
Лавата буквално го поплави селото Ел Родео, при што голем број од жртвите загинале во своите домови. Главниот аеродром во главниот град Гватемала, е затворен, а претседателот Џими Моралес објави тридневна национална жалост.
Серџо Кабањас, шеф на Националната агенција за справување со катастрофи (Конред) во земјата, изјави за локалната радио станица дека лавата го сменила текот кон Ел Родео.
-За жал, Ел Родео беше поплавен. За жал не успеавме да стигнеме ниту до селото Ла Либердад поради лавата. И таму најверојатно има жртви, изјави тој.
Меѓу загинатите има деца и припадници на агенцијата за спасување.
Видеа објавени од локалните медиуми покажуваат шокантна слика на тела прекриени со пепел.
Жителите сметаат дека бројот на загинатите е многу поголем.
Властите упатија апел до жителите да носат маски за заштита од пепел во четири региони на Гватемала.
Војската обезбедува помош, од операциите за спасување до поставување привремени засолништа и чистење на вулканска пепел од пистата во аеродромот Ла Аура во Гватемала.
Според локалните експерти, оваа ерупција е најголема од 1974 година.
https://www.youtube.com/watch?v=s43ecfXxPM4