„Грција го поддржува проширувањето и евро-атлантските перспективи на Западниот Балкан. Проблемот со ПЈРМ не е тема на две држави ниту пак е тема која се однесува само на проблемот за името“, изјави денеска во Брисел министерот за надворешни работи на Грција, Евангелос Венизелос во очи претстојниот Совет на министри на ЕУ.
– Станува збор за многу подлабок проблем кој се однесува на владеењето на правото и демократските принципи. Тоа е исто така меѓународен проблем кој се решава во рамките на ОН но е и проблем на ЕУ бидејќи се однесува на Копенхашките критериуми кои сите треба да ги почитуваат.
– Ние ќе ги поддржиме европските перспективи на Западниот Балкан доколку овие земји покажат добра волја и почитување на европските принципи. Задоволно сме од тоа што Србија ќе започне преговори за време на грчкото претседателство. Ова е важно не само за интеграцијата на Србија туку и за целиот регион вклучително и Косово затоа што на тој начин ќе се засили дијалогот меѓу Белград и Приштина, смета Венизелос.