Вицепремиерката на Словенија Виолета Булц е новата кандидатка на земјата за член во Европската комисија, соопшти министерот за надворешни работи Карл Ерјавец.
– Владата ја именуваше Виолета Булц за кандидатка на Словенија за Европската комисија, изјави Ерјавец додавајќи дека коалицијата составена од три партии одлуката не ја донела едногласно, пренесува АФП.
Претходно, поранешната премиерка на Словенија, Аленка Братушек ја повлече кандидатурата откако Европскиот парламент не ја прифати.
Братушек ја доби поддршката од само 13 членови на ЕП додека 122 беа против.
Новиот претседател на Комисијата Жан-Клод Јункер неодамна истакна дека ја почитува одлуката на Братушек.
Според последните случувања, сепак на местото на Братушек нема да дојде Тања Фајон која е словенечки пратеник од социјалистичката група која важеше за најголем фаворит.