Објавен огласот за вработување 300 лица со инвалидност, кој повторно ќе се спроведува преку „Македонски шуми“. Постапката е веќе позната, како и за претходните 1600 државни вработувања, изборот на кандидатите ќе се прави по електронски пат.
Според министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, на огласот можат да се јават лица со оштетен вид, слабовидни и слепи, со оштетен слух, глуви и наглуви, лица со пречки во гласот, говорот и јазикот, лица со телесна инвалидност, лица со пречки во менталниот развој и лица со комбинирани пречки и инвалиди на трудот.
40 бода ќе се добиваат за период и години на невработеност, до 30 за личен приход на лицето со инвалидност, до 20 бода за приход на домаќинство и до 10 бода за еднородителско семејство или домаќинство кое има повеќе членови со инвалидност.
Од „Македонски шуми“, кандидатите ќе бидат распоредувани во државната и јавната администрација. Притоа има 160 работни места за помошни работници со ниско образование и ниска квалификација, 100 за референти-извршители со средно и вишо образование и за 40 соработници и советници со високо образование.