Една моја пријателка, млада жена на 45 годишна возраст која пред два месеца доби мозочен удар, мака мачи со „Мој термин“ преку кој треба да добие упат за понатамошно лекување. Неврологот вели дека смее да препорача еден тип на упат, матичниот друг, таа не може да добие болнички упат, а за приоритетен да не зборуваме.

Нема такво нешто, ставиле забрана. Жената е тешко болна, лежи дома, а потребно и е лекување и рехабилитација. Двете малолетни деца, беспомошно ја гледаат и не знаат што да прават додека мајка им плаче.

Да, му се плукнам на толку добро осмислениот проект „Мој термин“ кој не може да згрижи и да упати на лекување една тешко болна жена и мајка. Овој месец ставиле забрана во електронскиот систем на едно, претходниот на друго нешто. Матичните лекари како добри „експерти“ за компјутерско креирање на упати прават паника, не смеат ова или не смеат она.

Повеќе време губат пред компјутер отколку со пациентот. Се експерт, до експерт. Некои болници ставиле „блок“ на приоритетните упати, имале многу пациенти. Како на Фејсбук, блокираш кого сакаш или кога имаш вишок на пријатели, да подзачистиш малку. Да, системот го дозволил тоа. Да не примаат пациенти. Да, умираат дома тивко, да не и прават трошок на државата.

Мојата пријателка, поетеса, е само една од многуте кои имаат проблем со компјутерскиот систем „Мој термин“ кој требаше да воведе ред во закажувањето на прегледи, снимања, упатувања во болница. Го земаа како пример од странство, си го адаптираа како сакаат и од Министерството за здравство постојано не „бомбардираат“ со статистика, колку упати се креирани, колку се издадени, колку илјадници, милиони. На кого му треба тоа? На вас или на граѓаните?

Мојата пријателка не е број, не е статистика . Таа е болна, парализирана и е една страна од телото и и треба помош. Затоа ве прашувам, вие кои го осмислувате овој систем, водите ли сметка за ваквите случаи? Мојата пријателка со насолзени очи чека да види што ќе се случи со неа, ќе остане дома или ќе се лекува во нашето „убаво“ и „сјајно“ здравство. И не е единствена, знам многу слични случаи, роднини, познаници или луѓе кои постојано ме бараат да си ја кажат маката. Тоа пак, што постојано паѓа компјутерскиот систем, а пациентите седат со часови пред шалтерот, за тоа подобро да не зборуваме. Тоа е стара рана, како за пациентите така и за лекарите кои седат со скрстени раце додека не се оправи системот.

Но, не е само „Мој термин“ дел од „реформираното“ здравство во последните години. Ги има многу. Ќе го издвојам проектот „Ало докторе!“, кој го форсираат во јавноста постојано. Ја читам последната информација од Здравствениот дом Скопје. За една недела имало 1376 повици на „Ало докторе!“, а бројот на луѓето што бараат совети по телефон постојано се зголемува. Од воспоставувањето на оваа телефонска линија од 15 септември 2014 година, до сега имало 91 669 повици. Ма, не ме зафркавајте!!! Да не беше смешно ќе беше трагично.

Генијалните умови во здравството отворија телефонска линија и секој ден ги бројат повиците, колку луѓе се јавиле, за што барале помош. Некој имал покачен крвен притисок, друг дијареја, некои сексуални проблеми, други пијанство, а имало и самци кои бараат друштво за разговор. И на сите нивни прашања одговараат доктори кои ротираат постојано, директори на клиники, хирурзи , лекари од разни специјалности кои седат со часови пред телефонот наместо да се посветат на своите пациенти кои ги чекаат на клиниките.

Вкупно 25 специјалисти одговараат на прашања, даваат совети за нешто што не го виделе, не го дијагностицирале. И што им преостанува, освен : а)да им препорачаат бапски лекови,б)да им дадат терапија(што не смеат да го прават на невидено), или под ц)да ги пратат во болница. И тие веројатно го прават последното, за да биде според протоколите. На последните пак, осамените старци, на нив секако им прават друштво во муабетот. Ете, за тоа седат тие лекари специјалисти пред телефонот и ги запишуваат повиците, задолжително. За потоа, одговорните за проектот да ги бројат и нас новинарите да не бомбардираат со бројки секој ден.

На кого му е потребно тоа? Зошто ви е потребна статистика? За да ја покаже бедата и очајот на овој сиромашен народ? Знаете ли зошто е зголемен бројот на повиците на „Ало докторе“? Затоа што луѓето немаат пари да одат на преглед во болница или немаат здравствено осигурување. Зарем тоа е за фалење? Бенефитотот од „Ало докторе!“, како што најави министерот Тодоров уште пред две години, ќе бидел во тоа што граѓаните што не се сериозно болни ќе добијат совет по телефон и нема да создаваат метеж во болничките ходници. И ги среди работите. Метеж навистина нема, ама само во ноќните часови. Како голем проект кој е од витално значење за македонското здравство, му предлагам на министерот Тодоров „Ало докторе!“ задолжително да го стави во своите мемоари, кога ќе ги пишува некогаш на залезот од својот живот. И бројот на вкупно регистрираните повици задолжително да го стави. Со толку голем број на повици освен први на листата по смртност на новороденчиња во Европа, ќе избиеме на прво место и по викање „Алоо, докторе!“.

Ако почнам да ги листам и анализирам проектите што Тодоров ги најави пред две години како што рече вкупно 79 на број, можно е дури да го прогласат и за министер на векот. Ќе спомнам само уште еден од тие „круцијалните“. Два месеца по проектот „Ало докторе!“, Тодоров смисли уште еден проект, овој пат давање совети на бремените жени преку Фејсбук. Од Министерството за здравство тогаш известија дека отвораат фејсбук страна „Здрава бременост“ за медицински консултации и совети за бременоста, а по еден гинеколог на дневна основа ќе одговара на прашањата, кои ќе ги поставуваат идните родители.

На таа Фејсбук страна секој ден пишува кој гинеколог ќе дава совети, на невидено се разбира. Прашањата и одговорите се во инбокс претпоставувам, зашто на страната нема ништо. Дали може да се згреши, дали може да се разбере и добие вистинскиот одговор преку Фејсбук, нема да коментирам. Но, еве еден од „бисерите“, што го има на страната „Здрава бременост“, а можете да го најдете и на некој од порталите за здравје и убавина и тоа подобро објаснет отколку што тоа го напишал некој гинеколог.

Прашањето кое го напишал дежурниот гинеколог, со образложение дека ова е едно од често поставуваните прашање гласи: Како може по природен пат да се намалат тегобите во желудникот на бремените жени? Одговор: 1.Со грицкање бадеми 2.Избегнување масна, пржена и презачинета храна 3. Конзумирање двопек или сува корка леб.4. Конзумирање јаболко, банана и морков . 5.Храната да се конзумира во седечка, а никако во полулежечка положба. Министерство, гинеколози, дали сте сериозни? И така, во јавното здравство продолжуваат да се редат „сериозни“ проекти на кои заеднички именител им е да се намали метежот, односно гужвата во болниците.

Така како што се прави со мојата пријателка со мозочен удар, која се уште се надева дека ќе добие упат за лекување од лотаријата, наречена „Мој термин“. Затоа предлагам следниот проект на ресорното министерство да биде исто така владина Фејсбук страница, овој пат со наслов „Отпишаните“. Таму луѓето кои не можеле да дојдат до здравствена услуга да споделуваат искуства, да критикуваат, да прашуваат. А, дежурен секојдневно предлагам да биде министерот Тодоров. Идејата заслужува внимание, зарем не?