Грција е присутна во земјава во последните 20 години како инвеститор. Грчките компании инвестираат директно или индиректно тука повеќе од една милијарда евра, што е импресивно. Грција е присутна во сите сектори во бизнис животот на земјата – енергијата, банкарството, храна и пијалоци. Отсекогаш вашата земја била дестинација на грчки инвестиции, сумите кои се вложуваат се големи. Грците се присутни тука и ќе бидат присутни уште повеќе. Вие знаете и сте свесни дека постојат големи грчки компании кои се присутни во земјата во последните децении, вели Арис Влахос, бизнисмен од Грција.
Во интервју за 1ТВ, Влахос објаснува што може да се очекува откако околностите се променија по потпишувањето на Договорот од Преспа.
-Околу проширувањето на пристаништето во Солун, можам дека кажам дека тој е од големо значење, не само за Северна Македонија туку и за целиот регион. Сепак од она што јас го знам, но и од она што сите го знаеме, Северна Македонија е еден од најголемите клиенти на ова пристаниште во Солун. Се разбира дека ова подобрување во односите ќе го зголеми волуменот на работа помеѓу двата соседа, вели Влахос.
Исто така смета дека Комисијата за трговски марки која ќе се формира во мај е многу важна, кога експертите од двете страни ќе седнат заедно со претставници од двете Влади и ќе ги посочат сите проблемишто се слушаат изминатите денови и месеци со намера да ги решат.
-Ова е важно за компаниите од двете страни. Ова е проблем, кој мора да се реши. Сега конечно мислам дека се има добра намера ова прашање конечно да биде решено, вели Влахос за 1ТВ.

