„Доколку власта остане глува на барањата на земјоделците, ВМРО-ДПМНЕ по доаѓањето на власт ќе ги исплати сите заостанати обврски на име субвенции и мерки, ќе ја укине зелената такса, ќе изврши ревизија на сите штетни закони и ќе се избори за сигурен пласман на земјоделските производи“, истакна на денешната прес конференција Цветан Трипуновски од ВМРО ДПМНЕ. Тој ја обвини Владата дека за четири години власт, не направиле ништо за подбрување на условите за работа на земјоделците.
„Четири години земјоделецот не може да го продаде произведеното, затоа што нема откуп, четири години луѓето едвај преживуваат. И не само што не се исплатени субвенциите за минатата 2020-та година, за кои краен рок за исплата беше 30 јуни оваа година, туку доцнат и субвенциите за 2017, 2018 и 2019 година. Владата има натрупани обврски кон земјоделците, затоа што изминативе години парите од буџетот имаа други приоритети“, рече Трипуновски.
Со новите даноци, според опозицијата, најсилно се погодени земјоделците, бидејќи со секое точење на гориво тие плаќале по 10 денари повеќе од претходно.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги поддржуваат барањата за исплата на заостанати субвенции и мерки, бараат повлекување на законот за зелена такса, повлекување на законот за продажба на земјоделското земјиште и воведување на заштитни цени за сите земјоделски производи.