Пишува: Љубиша Арсиќ

Пред секои избори, на стартот од изборната кампања политичките партии кои учествуваат во трката неопходно е да отворат трансакциска сметка со назнака дека е наменета за изборите и на неа се регистрираат сите приливи кои ги има партијата за кампањата, но и од таму се подмируваат сите трошоци направени во изборниот процес. Таквата, строго наменска сметка законски мора да се затвори по завршување на изборите, односно по објавата на конечните резултати од Државната изборна комисија (ДИК).

Во Изборниот Законик, согласно последните измени, е наведено дека партијата мора во рок од три месеци да ја затвори сметката ако изборите се претседателски или парламентарни, а за девет месеци – ако се локални. Откако ќе ја затвори има уште 30 дена да го поднесе конечниот финансиски извештај за целата кампања до надлежните институции, како ДИК, Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Државниот завод за ревизија (ДЗР) и Собранието на РСМ, како и јавно да се објави.

Изборните сметки се затвораат со подмирени трошоци

Вториот круг од претседателските избори оваа година беше на 5-ти мај, конечните резултати од ДИК се објавија неколку дена подоцна, а партиите до средината на септември имаа обврска да ги поднесат конечните финансиски извештаи за кампањата, откако претходно ќе ја затворат наменската транскациска сметка за изборите. Она што е симптоматично во извештајот на ВМРО ДПМНЕ е дека наместо сметката да биде затворена со салдо нула, односно на наменската сметка да нема останато долгови или да има вишок пари, на неа останале 400 илјади евра долг, врз основа на неплатени фактури кон фирми чии услуги ги користела партијата за време на кампањата. Извештајот на ВМРО ДПМНЕ го потпишал генералниот секретар Игор Јанушев кој смета дека со неплатените фактури преку изборната сметка партијата не направила никаков прекршок.

„Не постои законска пречка, односно законот не го забранува тоа и не постои обврска дека извештаите мора да се на нула и при склучувањето на договорот помеѓу кандидатката (Гордана Силјановска Давкова н.з.) и ВМРО ДПМНЕ беше предвидено доколку дојде до непокривање на некои обврски нив ќе ги преземе партијата“ – одговори Јанушев.

Но, дали навистина не постои законска одредба која им наложува на партиите дека од наменската изборна сметка е неопходно да се подмират сите трошоци?

Пред претседателските избори беа направени измени во Изборниот законик и  членот 71 беше дополнет со три ставови со реден број 10, 11 и 12. Став 10 е јасен и недвосмислено укажува дека сметките после избори се затвораат на нула. Тој став гласи: „Сите средства наменети за финансирање на изборната кампања се уплатуваат на трансакциската сметка на партијата и сите трошоци за кампањата исклучиво ќе се покријат од средствата на таа сметка“. Значи законот наложува дека сите предизвикани трошоци, вклучително и овие 400 илјади евра на ВМРО ДПМНЕ, треба да се покријат единствено од наменската сметка.

Оваа измена беше направена со цел да се има поголема контрола врз парите што ги трошат партиите. Но, што се случило, како ВМРО ДПМНЕ има неплатени 400 илјади евра, кои се прикажани и во конечниот финансиски извештај и дали некој ќе биде одговорен за непочитување на финансиските правила за изборна кампања?

Долгот на ВМРО ДПМНЕ е за печатење маици купени од МОНТ на Орка холдинг

Во графичкиот приказ на сите приливи и одливи од наменската сметка на ВМРО ДПМНЕ за претседателските избори се заклучува дека поголем дел од долгот или околу 350 илјади евра е кон печатницата „Полиестер Деј“, додека остатокот е кон „ОК Медиа“, фирма во чија позадина е, исто така, Орце Камчев, а се занимава со издавање рекламен простор на билборди и паноа. Истражувањето не доведе до податоци дека печатницата имала обврска да испечати 270 илјади маици во црвена, жолта и бела боја, наменети за изборите. Со оглед дека печатницата за кратко време не можела да ја набави потребната количина, морала да купи 100 илјади маици од МОНТ (Орка Холдинг), можеби единствената фирма која имала толкава залиха. Така, уште една фирма на Камчев влегува во рекламната шема на ВМРО ДПМНЕ покрај ОК Медиа.

 

„Правниот субјект регистриран за избори (ВМРО ДПМНЕ н.з.) има склучено договор со Полиестер Деј, а кои се добавувачите на таа компанија за нас е непознато. Тоа се деловни политики на трет субјект кој не е дел од нашиот договор“ – се оградува Јанушев од МОНТ на Камчев.

Печатницата ги испечатила маиците и навремено ги испорачала, но партијата навремено не ја платила фактурата. И по шест месеци од завршување на изборите, ВМРО ДПМНЕ го нема подмирено овој трошок, а морала уште пред да ја затвори сметката. Како сега ќе се надмине оваа ситуација која за првпат се појавува во праксата, затоа што прецизната одредба дека сите трошоци мора да се подмират 120 дена по изборите беше озаконета пред последните избори?

Залудно Јанушев уверува дека во тек е постапка за преземање на долговите и дека наскоро сумата од 350 илјади евра кон печатницата ќе биде исплатена, освен ако партијата има скриена тактика и знае како да го надмудри законот и да изврши плаќање. Еден од обидите сигурно ќе биде ВМРО ДПМНЕ да го плати долгот од основната сметка на партијата, пракса која се користела во минатото, но воведувањето на одредбата целата финансиска кампања да оди преку една, наменска сметка, беше воведена токму заради тоа да нема трансакции поврзани со изборите од основните партиски сметки. Која би била друга, а при тоа и законска опција, најверојатно не постои. Во моментов ова прашање виси, на печатницата Полиестер Деј сигурно нималку не и е важно од која сметка ќе и се плати. Ним им е важно да си ја наплатат услугата која одамна си ја завршиле. ВМРО ДПМНЕ, пак, е во ситуација подобро некако да плати, за потоа, ако биде повикана на евентуална одговорност за невалиден финансиски извештај, да има аргумент дека, ете, сепак долгот е подмирен.

Институциите се на потег

Но, за да биде повикана партијата на одговорност неопходно е државните институции да ги завршат анализите на финансиските извештаи и да излезат со свои препораки. Тука клучна улога има Државниот завод за ревизија кој деновиве ќе започне со проверка на сите трансакции направени од партиите за време на претседателската кампања преку трансакциските сметки отворени единствено за таа намена. Извештатите на партиите ги имаат и во ДИК и во ДКСК, но тие две институции немаат кој знае какви овластувања да постапат или некого да гонат, освен што може да констатираат неправилности при финансирањето на кампањата. Неизвесно е само како ќе се постави Заводот за ревизија, каков заклучок ќе донесе откако ќе констатира дека ставот 10 од членот 71 во Изборниот законик не е испочитуван, односно спротивно на него ВМРО ДПМНЕ прикажала долг од 400 илјади евра кој требала да го подмири пред да ја затвори сметката.

Во Изборниот законик, во член 85 е наведено дека ДЗР, доколку утврди неправилности во финансискиот извештај на учесникот во изборната кампања (ВМРО ДПМНЕ н.з.), кои се спротивни на одредбите од овој законик (да се подмират сите трошоци пред да се затвори сметката н.з.) поднесува прекршочна постапка или пријава до надлежниот јавен обвинител во рок од 30 дена.

 

Со оглед дека рокот на ДЗР за проверка на извештаите е 60 дена значи дека во следните три месеци ќе мора да се знае како ќе постапат институциите кон овој случај за тоа да не им стане пракса на партиите, а овој исклучок да стане правило оти тогаш ќе нема поента законската одредба за целосно подмирување на партиските трошоци во кампања. Овој пример ги тера надлежните да размислуваат одново за измени во Изборниот законик за да се засили контролата врз трошењето на парите од кампањите. Веќе дури има и работна група која подготвува измени, а еден од предлозите е и Антикорупциската коисија да има увид во наменските изборни сметки на партиите за полесо, секојдневно следење на текот на парите.

Според најавите ќе се засили меѓуинституционалната соработка за што помалку злоупотреби на финансиите. Ова станува неопходно и по информацијата дека политичките партии сега ќе земаат од државата четири милиони евра годишно, а дополнително на тоа можат да имаат донации, членарина и други приходи, или со еден збор на нивните сметки се вртат милиони евра, крајно време е некој сериозно да ги контролира и санкционира.