Опозициската ВМРО ДПМНЕ смета дека снимките кои излегоа во медиумите се доволна причина Јанева наместо на плажа да биде во притвор.
-Катица Јанева може да се заканува колку што сака, но слушнавме како таа лично ветува дека се она што Боки 13 го зборува се остварува. Јанева лично дава ветување за прекинување на истраги…Дополнително, обвинителката Стефанова, денеска во изјава за медиуми потврди дека и било наложено токму од Јанева да ги затвори предметите, за осомничените да не одат во затвор. По ваквите снимки и изјави, потребно е итна акција од страна на ЈО, но и одговорност за досегашното неделување и потенцијално прикривање, рече генералниот секретар на партијата Игор Јанушев.
Тој кажа дека обвинителката Вилма Русковска која ја води истрагата за „Рекет“ со своето неделување и овозможила на Јанева период за прикривање и уништување на докази и побара одговорност од неа за како што рече пропустите во истрагата.
-Вилма Русковска нема кредибилитет да го овој води случај. Потребно е случајот „Рекет“ да биде преземен од друг кредибилен Јавен обвинител и да биде проширена истрагата. Веднаш да се определи мерка притвор за Јанева и да се испита колку се предмети на СЈО биле користени за рекетирање, рече Јанушев.
Според него „рекет од вакви размери не може да се случи без знаење на врвот од власта“ и побара Зоран Заев мора да понесе одговорност, а „власта треба да одговори и каква е замешаноста на Радмила Шекеринска која се споменува во видеото и дали таа знаеле или можеби и учествувала во милионскиот рекет“.
-Се наметнува и прашањето дали и други лица од власта биле во релација со Боки 13 и која била нивната улога?, праша Јанушев.




