Законот за социјални придонеси донесен од претходната власт, седум години им оди на штета на граѓани кои останале без работа и треба плаќаат за здравствено осигурување иако претходната година одвојувале придонеси за тоа
Фондот за здравствено осигурување спроведува небулозен и штетен закон за граѓаните кој стимулира неправилности и криминал, а бил донесен во време кога Ставревски беше министер за финансии. Ова го тврдат граѓани кои поради нелогичности на овој закон се принудени месечно да плаќаат по 2480 денари за здравствено осигурување иако се невработени, а претходната година кога работеле плаќале за да бидат осигурани. Поради ваквата законска регулатива семејството Цветковски од Скопје се нашле во многу тешка ситуација и поминале низ голгота која траела цела година, откако нивниот син останал без работа.
„Пред три години син ми се соочи со тој проблем, а со него и целото семејство. Тој имаше 24 години кога фирмата се затвори, а таму примаше 20.000 денари плата со редовно платено здравствено осигурување. Јас земав минимална плата од 10.000 денари , сопругот 25.000 денари, а ќерката беше студентка. Син ми остана без работа, а ние немавме можност да му плаќаме здравствено осигурување, уште повеќе што сега и него го издржувавме. Кога остана без работа требаше да плаќа во ФЗОМ сума од скоро 2500 денари за да може да се лекува. На службеничките во Фондот им објаснив дека сето тоа нема логика бидејќи претходната година плаќал(иако не одел на лекар), а сега нема од каде, нема приходи. Тие само ми одговорија дека таков е законот. Таков стрес, страв, несигурност, немоќност не можат да се опишат со зборови. Мислев дека светот ми се сруши, син ми остана без работа и требаше да биде цела година без здравствено осигурување. Живеевме со секојдневен страв дека ако се разболи или повреди, буквално ќе банкротираме бидејќи бевме со мали примања, а со големи трошоци. Секојдневно, ова беше психичко оптоварување и се молевме на господ да биде добро. Издржавме цела година. Поригорозен и пострашен закон не можеле да измислат“, раскажа за НОВА, Зорица Цветковска од Скопје.
Станува збор за Законот за социјални придонеси кој е донесен во 2011 година од Министерството за финасии, од кој најпогодени се невработените кои претходната година кога работеле имале приходи над 204 000 денари заради што мора да плаќаат по 2480 денари месечно ако сакаат да се лекуваат, да одат на стоматолог, на гинеколог, да се оперираат. Доколку не плаќаат цела тековна година за ова, тие не влегуваат во системот, немаат здравствено осигурување и кога ќе се разболат, се треба да плаќаат приватно.
Освен што останале без работа, немаат за егзистенција, со ова им се одзема и правото да се лекуваат. Ако пак, почнат да плаќаат и да сакаат немаат право да се откажат, се така до крајот на годината. Тоа ги натерало многумина кои започнале да плаќаат да се пријават во некоја фирма кај пријатели и веднаш да се одјават за да го прекинат по што се изјасниле дека нема да можат да плаќаат.

Овие граѓани до моментот додека им завршил договорот за работа редовно плаќале придонеси за здравствено осигурување, а откога останале без работа повторно им се бара за нешто што веќе платиле. Нашата соговорничка, Цветковска вели дека овој закон треба итно да се укине бидејќи не само што е на штета на граѓаните, туку наведува и на незаконско работење, а последиците од него се долгорочни.
„Законот е донесен кога ВМРО ДПМНЕ беше на власт, а сегашната власт го поддржува. Луѓето заради ова се плашат да се пријават на цела плата за да не плаќаат доколку фирмата се затвори или останат без работа. Многу е тешко и страшно, но само тој што го поминал ова може да го разбере. Значи, ако си без работа и немаш буквално ниту за леб, треба да плаќаш за здравство. Од кои пари? За леб се бориш. Овој закон треба итно да се укине иако ова им одговара на сите влади. Многу граѓани се оневозможени да се лекуваат на товар на Фондот и со тоа државата мисли дека заштедува. Но, последиците се подалекусежни. На краток рок државата ќе заштеди, но на подолг може и многу повеќе да потроши санирајќи ги последиците поради неможноста за лекување кои чинат многу поскапо“, вели Цветковска.
Со овој закон се опфатени и друга категорија невработени кои во претходната година имале нето годишни приходи поголеми од 144 000 денари, а помали од 204 000 и тие треба да плаќаат по 1244 денари месечно за здравствено осигурување( иако плаќале за тоа претходната година). Не плаќаат ништо само невработените кои не работеле никогаш или имале приходи помали од 144 000 денари.
Анкетата која ја спроведе НОВА кај неколку десетици граѓани покажа дека најголем процент од нив не биле во можност да ја плаќаат оваа сума бидејќи немаат ниту за егзистенција, а на незначителен процент им плаќале родителите кои или одвојувале од своите месечни примања или се задолжувале. Ваквата математика на надлежните институции кој го спроведуваат овој закон, многумина довела во очајна состојба.
„Кога останав без работа ме задолжија да плаќам по 2480 денари месечно доколку сакам да бидам здравствено осигурана. Минатата година плаќав бидејќи татко ми, ми помогна. Ова година не плаќам веќе, заврши тоа. Ова се глупости, кај без пари, па уште и сам да си плаќаш “, рече Весна Коларова.
Граѓаните со кои контактираше НОВА, велат дека овој закон не само што е штетен и без никаква логика, туку ги тера фирмите да прават криминал, да им даваат пари на црно(на рака) на вработените и да не ја пријавуваат вистинската сума на месечни приходи, да не плаќаат придонеси за здравствено и пензиско осигурување..
„ Ова е сериозен проблем. Порано и невработените имаа право на здравствено осигурување, но претходната власт го укина за оваа категорија граѓани. Има и други ситуации кога се преминува од една во друга фирма, а имаш 1-2 дена престанок на работниот однос и ФЗОМ го укинува правото на здравствено осигурување иако придонесите за тој месец ќе бидат платени со наредната плата, а го укинува здравственото осигурување веднаш штом те одјават од фирмата. И доколку сите се невработени во едно семејство немаат право на здравствено осигурување, па така сме приморани да бараме чаре по пријатели кои имаат фирми“, вели Моника Митреска Трајкоска.
Не се знае колкав е точниот број на невработени граѓани кои мораат сами да си плаќаат придонеси за здравствено осигурување бидејќи нивниот број постојано расте и варира. Но, сите со кои контактиравме велат дека поминуваат низ агонија бидејќи нема од каде да најдат пари за да имаат право на лекување и да си земаат лекови на рецепт. Згора на се, со ова се крши и Уставно загарантираното право на лекување, велат нашите соговорници.
„Минатата година работев до октомври и веќе 8 месеци сум без приходи и без здравствено осигурување бидејќи ми бараат 100% учество, односно скоро 2500 денари месечно затоа што ми бил надминат просекот за 2017 година. Не плаќам бидејќи не сум во можност, и мислам дека тоа не е во ред“, вели за НОВА Биљана Котевска од Скопје.
Убавка Арсева од Свети Николе раскажува дека не може да се лекува токму заради ваквото побарување од Фондот за здравство.
„Јас бев работно ангажирана до 31.12.2017 година кога ми престана договорот, а сега немам никакво здравствено осигурување до следното вработување. Ми рекоа, дека треба да плаќам по 2 488 денари месечно, но не се согласив, немам од каде. Не крадев, излегува дека сум казнета затоа што работев. Службеничката прво ми рече по 6 месеци може да ме пријават да не плаќам, но потоа ми рече сама да си ги пресметам приходите и дека до следното вработување мора да ја плаќам оваа сума “, рече Убавка Арсева од Свети Николе.
Марија Блажевска од Скопје вели дека имала прекин на работниот однос во јуни 2013 година кога се соочила со овој проблем.
„Тогаш во Фондот ми побараа да плаќам месечен надомест од скоро 2500 денари. Тоа е тотална небулоза бидејќи претходното вработување беше легално со платени придонеси. Се разбира, немав од каде да плаќам и се лечев приватно кога ќе имаше потреба, ако најдев средства“, изјави Блажевска.
НОВА контактираше и со семејства каде што двајцата сопружници кои останале без работа мора да плаќаат по 2480 денари, а немаат можности за тоа бидејќи се невработени. Има многу такви случаи каде двајцата работеле во иста фирма која пропаднала, на пример.
„ Двајцата останавме без работа и не можеме да плаќаме вкупно 5000 денари месечно. Сега немаме како да се лекуваме ниту ние, ниту нашите две малолетни деца. Ова е бесмислен закон“, рече Кристина Трајковска од Скопје.
Во Фондот за здравствено осигурување велат дека невработените лица (или лицата со ниски примања) се опфатени во членот 10-а и 10-б од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, кој е во надлежност на Министерството за финансии, а ФЗОМ само го применува.
„Во тој матичен закон е направена категоризација на овие лица, прецизиран е начинот како овие тие ќе ги остваруваат правата од здравственото осигурување и начинот на утврдување на лимитите за остварените нето приходи на ниво на семејство, како и обврската на ФЗОМ да ги објавува износите на својата веб страница до крајот на јануари во тековната година, врз основа на добиените податоци за минималната нето плата од страна на Министерството за труд и социјална политика за претходната година и податоците објавени од Државниот завод за статистика. ФЗОМ како одговорна институција ги следи и ги спроведува законските прописи, а се со цел осигурените лица да можат да ги остварат своите права од задолжително здравствено осигурување“, вела за НОВА од ФЗОМ.
Но, очигледно оваа институција никогаш не реагирала до Министерството за финансии за да се сменат нелогичностите во овој член од законот.
НОВА побара одговор и од Министерството за финансии како одговорна институција која го донела овој закон. Ги прашавме одговорните кои се таму со смената на власта дали знаат за овој дел од законот кој е на штета на граѓаните и дали планираат да го променат. По долга проверка од таму потврдија дека за да има осигурување одредено лице, како основа за исплата на придонесите се зема претходната пресметковна година. Најавија дека овој дел од законот ќе претрпи ревизија.
„Министерството за финансии периодов работи на подобрување на многу аспекти од системот на јавните финансии. Се разгледуваат можностите и од оваа област и ќе се преземат сите мерки со цел подобрување на системот на јавни финансии и унапредување на животниот стандард на граѓаните“, се вели во одговорот од Министерството за финансии.
Не е прецизирано кога ќе се случи тоа, но неофицијално, расположение постои. Измените во законската регулатива обично се прават кон крајот на годината, потврдија извори за НОВА од Министерството за финансии.
И додека се случат измените или се укине овој член од Законот за социјални придонеси, во време на безработица ќе се зголемува бројот на граѓани кои ќе немаат за преживување, ниту можност за лекување, на работ на амбисот. Правилото дека Македонија е социјална држава со солидарен здравствен систем, во овој случај, очигледно не важи.