Поддржувачите на украинскиот претседател Виктор Јанукович денеска во Севастопољ, на југот на Крим, организираа протест против за нив, „државниот удар“ во Киев.
На митингот присуствуваа над 20.000 луѓе, кои потпишаа и петиција со која одбиваат овој дел од Украина да биде под контрола на опозициските групи во Киев, кои поддржувачите на Јанукович ги нарекуваат фашисти и слуги на НАТО.
На протестот се извикуваше „Да живее Путин“, „Да живее Русија“ со транспаренти кои содржат про-руски пораки.
Имено неодамна самиот Јанукович рече дека во државата е направен државен удар и одби да даде оставка додека истовремено опозицијата почна да ги освојува сите делови на власта а парламентот изгласа ослободување на опозиционерката Јулија Тимошенко.
– Ова е државен удар и немам намера да дадам оставка, потенцираше Јанукович за кого точната локација каде што се наоѓа по ослободувањето на Тимошенко, е непозната.
Тој изјави дека нема намера да ја напушти земјата.
Денеска, Парламентот во Украина му ги додели претседателските ингеренции на спикерот Олександар Турчинов како резултат на тоа што актуелниот претседател Виктор Јанукович е недостапен за јавноста.