Во Македонија и во Босна и Херцеговина денеска се одбележаа 13 години од смртта на поранешниот македонски претседател Борис Трајковски, кој загина во авионска несреќа кај Ротимље во близина на Мостар.
Во Скопје, во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел цвеќе на гробот на Трајковски положија членови од семејството на претседателот, повеќе делегации и граѓани.
Годишнината од смртта на претседателот Трајковски беше одбележана и во Ротимље во близина на Мостар, Босна и Херцеговина, каде што се урна владиниот кингер.
Делегацијата од РМ ја предводеше заменикот министер за економија Христијан Делев, претставници на кабинетот на претседателот на РМ, в.д. амбасадорот Александар Крстевски, претставници на Министерствата за надворешни работи и економија на БиХ, градоначалникот на град Мостар, македонски претставници во ЕУФОР, претставници на здруженијата на Македонци во БиХ.
Во авионска несреќа што се случи на 26 февруари 2004 година загина претседателот на Република Македонија Борис Трајковски и осумчлена македонска делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар.




