„Водич за вештачка интелигенција“ беше презентиран денеска во Министерството за образование и наука. Како што беше кажано на настанот, тој е наменет за наставници, стручни соработници и ученици.
Како што и најавив, од оваа учебна година вештачката интелигенција влегува во училиштата. Сосема логичен и нужен чекор во процесот на дигитална трансформација на образовниот систем, што значително ќе го унапреди квалитетот, ефикасноста и инклузивноста на образованието во Македонија. Се работи за технолошка иновација чија примена во сите сфери е глобален тренд, а ние како Влада со поширока поддршка од професорската и експертската заедница, заедно со наставниците, ќе се трудиме да го следиме тој тренд, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска.
За водичот за примена на генеративната вештачка интелигенција во образованието, таа рече дека на 120 страници, сеопфатно се осврнува на историјата на вештачката интелигенција и дефинициите за неа, на видовите вештачка интелигенција, како на примената на најпознатите алатки на вештачката интелигенција за создавање и уредување текст, за слики и мултимедија, за истражување и учење, за музика и слично.
Понатаму, како да се користат алатките по одделни области – математика, природни науки, јазици и литература, историја и општествени науки. Како да се препознаваат можни злоупотреби на податоци и слично. Во суштина, содржи препораки што се наменети за наставниците, стручните соработници и за учениците, подвлече Јаневска.
Како што појасни министерката, наставниците и стручните соработници ќе треба да научат како најлесно да го пренесуваат знаењето за придобивките и ризиците од користењето на вештачката интелигенција, но, исто така и да препознаваат злоупотреби на новите технолошки алатки од страна на младите.
За учениците пак, има препораки како етички да ја користат вештачката интелигенција за образовни цели и да препознаваат можни манипулации и злоупотреби на приватност, додаде Јаневска.
Беше нагласено дека водичот во електронска форма ќе биде споделен со сите училишта и многу наскоро заедно со факултетот и со Бирото за развој на образованието ќе започнат обуки за наставниците, односно ќе се обучуваат ментори кои понатаму ќе го пренесуваат знаењето до сите наставници во училиштата.
Во моментов имаме јавен повик за пријавување на наставници само од средните училишта, што е дел од соработката со групацијата Бреинстер, истакна Јаневска.
Деканот на Факултетот за информатика, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Сашо Коцески рече дека вештачката интелигенција се развива со голема брзина. Тешко е, додаде, во еден документ да се опфатат сите работи, па затоа се препорачува да се надоградува водичот.
Едукацијата е најдобра превенција. Најдобро е да се едуцираат децата, но и наставниците, рече тој, посочувајќи дека децата имаат пристап до вештачката интелигенција.