Белград: Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека рафинеријата на Нафтена индустрија на Србија во Панчево е во технолошки процес на „топла циркулација“, но сè уште не е затворена и исклучена.
Тој најави дека, поради Денот на благодарноста во САД остануваат уште два дена за да се реши нешто во врска со евентуалното добивање лиценца од американските власти за НИС.
Доколку американскиот OFAC (Канцеларија за контрола на странски имот), односно американската влада, не ја одобри лиценцата, имаме уште четири дена додека рафинеријата не биде целосно затворена, рече Вучиќ на вонредна прес-конференција. – Можеби ќе можеме да промениме нешто денеска или утре. Ако дојде четврток, рафинеријата ќе престане да работи и ќе бидат потребни 14 до 20 дена за да се вклучи, што значи дека нема да работи до Нова година, појасни Вучиќ.
Се надевавме и очекувавме дека ќе ја добиеме таа лиценца в понеделник, а од бројните разговори разбравме дека има уште работи што тие сакаат да ги слушнат, видат, добијат за на крајот да донесат одлука за доделување лиценца за работа за 45-60 дена, нагласи Вучиќ.
Мнозински сопственик на рафинеријата е рускиот Гаспром њефт.
Тој додаде дека Народната банка на Србија и сите комерцијални банки што соработуваат со НИС добиле предупредување дека самите би можеле да бидат предмет на санкции. Сепак, Вучиќ тврди дека добил усмени гаранции од американската страна дека таквите мерки нема да се применуваат.
Во меѓувреме, рафинеријата во Панчево, како што јавија српски медиуми – веќе го прекинала производството бидејќи, поради санкциите, Србија остана без снабдување со сурова нафта, што е клучно за нејзиното работење.

