Српскиот претседател Александар Вучиќ, по инаугурацијата на новиот претседател на Северна Македонија Стево Пендаровски, изјави дека верува оти двете земји ќе ги отстранат недоразбирањата кои постојат во претходниот период.
Вучиќ истакна дека не е проблем кога постојат недоразбирања, туку е важно двата народа да се почитуваат и сакаат.
– Ќе се обидеме и тие недоразбирања да ги отстраниме. Верувам дека имаме доволно капацитет за тоа. Верувам дека таква желба постои и во Скопје, нагласи српскиот претседател.
Тој додаде дека е многу важна добрата политичка и економска соработка, како и растот на трговската размена меѓу Белград и Скопје, изразувајќи надеж дека така ќе продолжи и во иднина.
– Моето доаѓање тука е симболична потврда дека сакаме да градиме уште подобри односи и мостови на пријателство меѓу Србија и Северна Македонија и меѓу нашите народи, истакна Вучиќ по инаугурацијата на Пендаровски.
Истакна дека оваа година ќе испрати и официјална покана до Пендаровски да го посети Белград.