Поради необезбедување на повеќе термини во јавните здравствени установи (ЈЗУ) и несклучени договори со приватните здравствени установи (ПЗУ) за дијагностицирање на ковид-19, во услови на пандемија, не се обезбедени доволно здравствени услуги за осигурениците на товар на Фондот за здравствено осигурување. Сметано по најниската наплатена цена од 1.400 денари по тест и направени 819.240 тестови за две години, од граѓаните се прелеани во приватното здравство над 18,6 милиони евра, не земајќи ги предвид и брзите антигенски тестови и повисоко наплатените цени кои се движеа и до 5.500 денари по тест, констатирале ревизорите во Конечниот ревизорски извештај од извршената ревизија на финансиски извештаи и ревизија на усогласеност за 2020 година на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија (ФЗОМ).
Според објавените податоци од Институтот за јавно здравје, од почетокот на пандемијата на ниво на држава извршени се вкупно 1.962.489 тестови во 33 приватни и јавни лаборатории, од кои 1.337.238 се ПЦР тестови, а остатокот се брзи антигенски тестови.
Во однос на темата што е горлива денес, пак, ревизорите нагласуваат дека е неопходно Министерството за здравство да преземе активности за обезбедување на потребните услови во државното здравство, како би се постигнала поголема конкурентност над приватното за вршење кардиоваскуларно-хируршки здравствени услуги.
„Постои нерамномерен сооднос при вршењето на кардиоваскуларно – хируршки здравствени услуги во 2019 и 2020 година меѓу државните и приватните болници. Фондот има склучено договори со три државни и две приватни установи за што се исплатени 1.254.330 илјади денари од кои 95 отсто од услугите се вршат во приватните болници. Најголем дел од услугите во државното здравство се извршени од државната кардиохирургија која, иако располага со квалификуван кадар, ги нема потребните просторни услови, што неповолно влијае на обемот на вршењето на здравствената дејност, се вели во ревизијата.
Неправилности во 85 отсто случаи кај договорните надоместоци на болниците
Со извршената ревизија, исто така се констатирани и слабости во спроведувањето на интерните и теренските контроли при потврдувањето на објективноста на фактурираните медицински интервенции реализирани во приватни клиники.
„Поради здравствената криза во 2020 година бројот на теренски контроли кај здравствените установи е намален за 74 проценти со што се зголемува ризикот од признавање и плаќање на здравствени услуги во вид и обем различен од реално извршениот. Според презентираните информации, во 2020 година извршени се вкупно 83 контроли кај здравствени установи, наспроти 472 во 2019 година“, констатираат ревизорите.
Најмал број контроли, констатираат ревизорите, се извршени кај здравствените установи од болничка здравствена заштита, чии договорни надоместоци се највисоки, а кај истите се утврдени неправилности во дури 85 отсто случаи.
За лекување во странство ФЗОМ не обезбедил соодветна правна заштита и контрола, ниту систем на анализи за успешноста
Во постапките за упатување за лекување во странство на осигурените лица не е обезбедена соодветна правна заштита и контрола, ниту пак систем на следење и анализи на успешноста на лекувањето.
„Фондот има евидентирано аванси за лекување во странство дадени на странски здравствени установи во износ од 209.772 илјади денари, за кои нема точни информации за статусот на лекувањата поради необезбедена документација“, се вели во извештајот на ДЗР.
Активностите за Електронскиот рецепт не се целосно реализирани
Од ДЗР утврдиле дека се отпочнати активности за воведување електронски рецепт преку ИТ системот на Фондот, без координација со Министерството, кои не се целосно реализирани. Тие, посочуваат дека постои потреба Министерството за здравство и Управата за електронско здравство во координација со Фондот, имајќи ги предвид одредбите од Законот за евиденции во областа на здравството, да ги преиспитаат економичноста, ефективноста и ефикасноста на примената на член 28-а од Законот за здравствено осигурување со кој се воведува електронски рецепт преку ИТ системот на Фондот и да се разгледа можноста за искористување на капацитетите на постојниот систем за препишување и издавање лекови на рецепт со истовремено воспоставување контролни точки кои ќе обезбедат плаќање на подигнати лекови единствено врз основа на реално и законски пропишани рецепти од овластени лекари.