И по четири години од насилниот упад во Законодавниот дом очигледно се уште во политичките кругови постои недоразбирање за она што се случуваше на 27 април 2017 година. И по крвавиот четврток пред четири години, кога во Собранието се случи најтешкиот инцидент во кој пратеници беа тепани од граѓани кои насилно влегоа, за некого се уште останува нејасно дали лицата со маски беа терористи или уставобранители. Дали мерките кои се изрекоа за дел од организаторите се претерани или соодветни. Ќе сносат ли одговорност нарачателите.
Во месеците по 27 април се правеа обиди за помирување на политичките партии и страни, но настанот остана во колективната меморија како еден од најнегативните дотогаш, а последиците од него ги засегнаа не само политичарите, собраниските служби, обезбедувањето, полицијата, но и новинарите и медиумските работници.
И додека едни повикуваат на помирување пред два дена повторно беше организиран протест на кој беше истакнато дека се бара правда за осудените во овој случај и повторно судење на кое би се преиспитала сегашната пресуда. На чело на овие протести за кои беше соопштено дека се во организација на македонската дијаспора се појави лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој ја даде својата поддршка пред насобраните граѓани.
Премиерот Зоран Заев пак потсети на лузните што ги носи како еден од учесниците на, како што рече, непосакуваните настани од 27 април 2017 година и порача тоа да не се повтори никогаш повеќе, ни во Северна Македонија, ниту било каде во светот.
– Ќе го споделам уште еднаш чувството дека тој 27 април 2017 година два часа и 15 минути секоја секунда јас, колегите пратеници и новинарите околу нас чекаа да го изгубат животот. Буквално секоја секунда вековиште беа тие два часа и 15 минути. Денеска да се организира собир за да се даде поддршка на осудени луѓе кои се обидоа на очиглед на јавноста јавно да убиваат и ликвидираат новинари, камермани, пратеници во Собранието е или забеганост или е соучесништво, ништо друго, истакна Заев.
Тој рече дека тој лично е мотивиран да продолжи да се бори за да не се повтори тоа никогаш повеќе.
Според премиерот застрашувачки е да се види лидерот на опозицијата, односно алтернативата на власта како презема одговорност и чест, како е прв меѓу поддржувачите на луѓе кои се веќе правосилно осудени и кои се обидоа да убијат.
Се огласи и ДУИ, која апелира до сите политички партии да се заложат дека 27 април повеќе нема да се повтори.
Мицкоски пак од друга страна најавува дека ќе се протестира се додека не се изнајде решение на барањата за повторување на судскиот процес. Според него квалификацијата терористи која што ја добиле лицата осудени за упадот во Собранието не соодветствува со реалноста. Тие како што рече се уставобранители кои лежат во затвор затоа што застанаа во одбрана на Уставот на државата.
-Да почекаме да поминат големите верски празници Рамазан-Бајрами и Велигден, а потоа ќе разговараме за постапките на опозицијата и дали ќе продолжиме со протестите но во секој случај продолжувањето на овие протести не значи и поддршка на насилството порача Мицкоски кој уште еднаш истакна дека бараат правда за според него неправедно осудените.
За владејачката СДСМ, 27 април е најцрниот датум во историјата на македонската демократија, 27 април е крвавиот печат на ВМРО-ДПМНЕ.
-Вооружени насилници поттикнати од ВМРО-ДПМНЕ упаднаа во Собранието обидувајќи се да убијат пратеници, да повредат новинари и вработени во собраниските служби, да го урнат уставниот поредок и државата да ја втурнат во провалија. Тие насилници кои беа придружувани и од Христијан Мицкоски пред македонското Собрание, не се, ниту некогаш ќе бидат уставобранители, тие се само насилници, бранители на криминалите на Никола Груевски, нагласуваат од СДСМ.
Обвинети дека биле организатори на настаните од 27 април 2017 се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељановски, кој е првообвинет, поранешните министри за транспорт и врски и за образование Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски и поранешниот шеф на УБК Владо Атанасовски. Тие се гонат дека сториле кривично дело. Тие се гонат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Случајот го води судијата Илија Трпков и се наоѓа во доказна постапка, последното рочиште што се одржа на 25 март годинава беше одложено поради болест на еден од членовите на судечкиот совет.
Меѓу осудените за овој случај е и поранешниот директор на БЈБ Митко Чавков. Тие се неправосилно осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Процесот се водеше против вкупно 33 лица, а по донесувањето на Законот за амнестија беа амнестирани 15 од нив.
За обид за убиство и учество во толпа беа осудени уште деветмина, а затворски казни добија и лицата кои се обидоа да го убијат Зијадин Села.