Марјан Забрчанец: ВИ не е само алатка за манипулација, туку поле на судир зашто истите технологии што ги користат авторитарните режими и архитектите на дезинформации, може и мора да се користат од новинарите, граѓанските организации и демократите за одбрана на вистината. Добар новинар со ВИ може побрзо да верификува информација. Едукатор со ВИ може да создаде персонализирани содржини за медиумска писменост. Активист со ВИ може да ги разоткрие кампањите на дезинформации и нивните извори, но ако демократскиот свет остане пасивен додека автократите ги градат своите ВИ системи, битката ќе биде загубена уште пред да започне.
Имаме опасна комбинација отсликана во слаба медиумска сцена, уморни граѓани, моќни ВИ алатки во рацете на лоши актери и влада која одбива да го брани јавниот интерес. Кога граѓаните ја губат довербата во локалните институции и медиуми, стануваат лесна цел за надворешни наративи, особено кога геополитиката буквално влегува во секоја вест и во секој паметен телефон. Имаме анти ЕУ, анти НАТО и анти либерални пораки, кои ја претставуваат Европската унија како слаба и лицемерна и ја релативизираат разликата меѓу демократски и автократски системи, се потпираат на фрустрациите од долгите блокади и неисполнети ветувања во процесот на евроинтеграции.
Демократите треба да прават постојан притисок за транспарентност и одговорност. Граѓанското општество, новинарите и активните граѓани мора гласно да прашуваат кој ги поседува медиумите, кој плаќа политички кампањи и кој стои зад анонимните страници на социјалните мрежи. Без тие прашања, мрежите на дезинформации, како што рече, „растат во темнина“.
Натаму, инвестиција во ВИ алатки за вистина и во медиумска и дигитална писменост за сите. За ученици, возрасни, локални заедници и институции. Фактчекингот е важен, но не е доволен. Потребни се технологии што ќе откриваат синтетички медиуми, ќе мапираат мрежи на манипулација и ќе им помагаат на новинарите и активистите да реагираат брзо и аргументирано.
На граѓаните не им се потребни само европски вредности во говори, туку европски резултати во реалноста. Ако постои јаз меѓу реториката и секојдневието, дезинформациите победуваат. ЕУ мора да го исполни ветеното кон Западен Балкан, а општествата во регионот мора активнo да притискаат за продлабочување на соработката. Во спротивно, граѓаните ќе се свртат кон други центри на моќ и кон лажни, но примамливи приказни.
Ако сакаме одбрана на нашите демократии, не можеме да бидеме неутрални туку треба да се избере страната на фактите против лагите, на отворените општества против стравот и на човечкото достоинство против омразата. Само така, дури и во пост вистинскиот свет, вистината може да добие шанса.
Извор: ЦивилМедиа.мк



