Премиерот Зоран Заев не очекува дебатата што се води кај одредени земји членки на ЕУ за идните методолошки пристапи во преговарачките процес да биде пречка за добивање датум за преговори за нашата земја. Конкретно тој говореше за ставот на Франција, кој според француски дипломатски извори е против отворањето преговори со Северна Македонија поради недостатокот на напредок во реформата на статусот на Специјалното јавно обвинителство.
-Франција е наш голем пријател. Информациите ни кажуваат дека се бара методологија која ќе ги убрза преговорите, но може и да ги врати назад кога не успеваат државите. И тоа е фер позиција затоа што ние не сакаме само да преговораме, да отвораме и затвораме поглавја, туку сакаме да се трансформираме кон подобро и да станеме еднаква, од сите можни аспекти, земја и народ со Европа и европските народи. Верувам низ потребата на Франција и други земји да се вгради една таква методологија, сепак, нема да биде пречка за донесување на одлуката за почеток на преговори со ЕУ. Нема земја која денес е членка на ЕУ или преговара со ЕУ која направила повеќе од РСМ за да ја добие заслужената одлука за почеток на преговорите, вели Заев подвлекувајќи дека е оптимист и дека сепак не би сакал да избрзува со какви било заклучоци.
-Ако има нешто што нè обединува, нас европските претставници, тоа е едно нешто: на Северна Македонија, по сите досегашни напори и напорите што ќе следуваат, местото ѝ е помеѓу нас во ЕУ, да соработуваме. Можам да ви кажам дека сме мотивирани за соработка, изјави Тимоние на новинарско прашање по свеченоста по повод 11 Октомври во Куманово.
МИА повикувајќи се на дипломатски извор вчера објави дека Париз смета дека Северна Македонија мора да приложи дополнителни напори посебно во делот на Специјалното јавно обвинителство, дека останува уште многу работа и за Северна Македонија и за Албанија и дека состојбата не е толку розова како што се претставува.
Оваа официјална позиција на француските власти и ќе им биде соопштена на министрите за надворешни работи во вторник во Луксембург.


