„ВМРО-ДПМНЕ прифати формулација за уставни прекршување при употреба на сила и отстранување на пратениците од собраниската сала, но не беа подготвени да констатираат противуставност при отстранување на новинарите од собраниската сала на критичниот ден“, ијави пред новинарите, претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
„На 24 декември, Груевски донесе одлука, а Трајко Вељаноски ја прифати. Одлуката беше да се испратат полицајци во Парламентот со наредба да се исфрлат од собраниската сала прво новинарите, а потоа опозиционите пратеници. Секако, однапред знаејќи дека притоа по неколку основи се крши Уставот на Македонија. Груевски ќе остане запаметен по децата што просат околу сите објекти што ги изгради тој во центарот на Скопје, но ќе биде запаметен како премиер која на најдрзок можен начин го крши Уставот на Република Македонија исполнувајќи ја својата алчна потреба за пари, за време на криза и сиромаштија“, рече Заев.
Според него достоинството и дигнитетот на новинарите за опозицијата е еднаков со оној на пратениците.
Комисијата продолжи со работа денеска за да се разговара за отворените прашања, информираше синоќа претседателот на комисијата Борче Давитковски.
– Сега се отворени сите опции, се надевам дека ќе најдеме сили да ја решиме оваа работа. Средба со лидерите на партиите најверојатно ќе нема, ќе се обидеме во полн состав на комисијата да ги решиме спорните прашања, кажа Давитковски.