Радовиш од град го претворија во село, иднина за младите овде нема. Заработката од земјоделството е многу тешка, се жалат граѓаните на Радовиш, соопшти СДСМ.
Една загрижена мајка ја сподели својата голема мака со претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
– Цел живот работев за да ја школувам ќерката, сега таа не гледа иднина во родниот град, во родната земја. Сака побрзо да избега. А јас не можам да ја предомислам, не знам што да направам, како да ја задржам.
Заев рече дека целосно ја разбира нејзината мака која е идентична со маката на многу родители во Македонија.
– Затоа велиме ни требаат промени, овие работи мора да се променат. И ќе се променат. Во новата програма на СДСМ предвидовме повеќе мерки за младите, да ни останат дома, да имаат работа, екзистенција, да им обезбедиме иднина. Соодветно ќе ги субвенционираме вработувањата на младите. Така фирмите ќе бидат стимулирани да ги вработуваат токму младите – рече Заев.
Тој истакна дека СДСМ нуди промени и во земјоделието, за враќање на достоинството на земјоделците.
– Субвенциите ќе ги задржиме и ќе ги зголемиме. Ќе воведеме и регулаторно тело за откупувачите, за да немаат можност да ја злоупотребуваат својата позиција. Ќе воведеме и зелена нафта со што ќе ги намалиме трошоците за производство – рече Заев.
Тој упати порака до граѓаните за денот на гласањето во првиот изборен круг.
– На 13-ти, в недела, победата на Стево Пендаровски ќе ги најави промените за нов почеток. Сите ние, граѓаните на Република Македонија, ќе го имаме в раце најмоќното демократско средство со кое ќе одлучиме за иднината на оваа земја, гласачкото ливче. Секој е сам зад параванот. Сами одлучуваме како сакаме да изгледа државата денес но уште поважно како да изгледа државата во која ќе живеат нашите деца утре. Затоа, ве повикувам заедно да ги донесеме промените и да донесеме победа на Република Македонија – рече Претседателот на СДСМ, Зоран Заев.