„Оваа година славиме три годишнини кои силно ја илустрираат современата историја и развој на Северна Македонија: 30 години од прогласувањето независност, 20 години од Охридскиот рамковен договор и 1 година од нашето членство во НАТО. Поубав пресек од тоа каде беше и каде е денеска нашата земја не може да се посака. Има ли нешто поубаво од мозаик? А, македонскиот мозаик сјае со најубавите бои”, потенцира претседателот на Владата Зоран Заев во интервју за електронското издание на угледниот словенечки весник „Дело”.
Премиерот Заев во интервјуто вели дека со Охридскиот рамковен договор во август 2001 година беше ставен крај на конфликтот и беше прифатен како гаранција дека сите прашања од интерес на заедниците во нашата земја ќе се решаваат низ дијалог и низ институциите.
„Државата покажа капацитет да се справи со сериозен предизвик и притоа се потпре на своите партнери од меѓународната заедница. Во моменти кога соживотот и меѓуетничката толеранција беа ставени на тест, покажавме дека сакаме да живееме во заедничката држава и дека можеме да се сложиме да напредуваме сите заедно”, нагласува премиерот Заев во интервјуто за „Дело”.
Заев додава дека Охридскиот договор е одраз на новиот дух на водење политики, политики коишто градат мостови, а не ги рушат, политики коишто ги сплотуваат граѓаните и не ги делат на патот на кој ја обезбедуваме иднината на нашата земја како дом во евроатлантската заедничка куќа со другите народи.
„Нашата определба e да градиме и негуваме општество еднакво за сите, нашата цел e да изградиме граѓанско општество, истовремено со почит кон социјалните, етничките, националните, верските и културните разлики. Токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво. Тоа заедништво што се градеше со векови, за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина. Затоа со право се залагаме и велиме дека различностите на нашето општество ги сметаме за наша предност. За наше заедничко богатство и за наша предност”, истакнува претседателот на Владата на Северна Македонија.
Во борбата со дезинформациите тие што се противници на транспарентноста и медиумската писменост се сојузници на лагата
Заев го пренесува искуството на земјата со хибридните кампањи со кои се соочува и истакнува дека тие се придружувани постојано со дезинформации, со ширење говор на омраза, со штети по македонскиот идентитет, со подгревање опасен внатредржавен и меѓудржавен национализам и други облици на хибридни закани против демократијата во нашето општество и во регионот.
„Она што треба да го знаат граѓаните на Словенија, на Северна Македонија и на сите земји во регионот и во светот кои се справуваат со пропагандните лаги, е дека владите кои се противници на лажните вести се оние влади кои се отворени, транспарентни и отчетни, а степенот на отпор на граѓаните кон нападите со дезинформации зависи од нивото на медиумска писменост на населението“, вели Заев во интервјуто за „Дело“.
Заев нагласува дека колку повеќе општеството е поотворено и поотчетно, и колку повеќе се вложува во медиумската писменост, толку побрзо, подобро и поефикасно е справувањето со дезинформаторите.
„Тие што ќе станат противници на транспарентноста и медиумската писменост, тие се сојузници на лагата. Со првите поголеми закани од овој тип се соочивме во еден подолг период кога ги правевме решителните чекори за решавање на спорот за името на нашата држава со Грција, кои ја добија кулминацијата во пресрет на референдумот за промена на името“, потенцира претседателот на Владата Зоран Заев во интервју за електронското издание на угледниот словенечки весник „Дело“.