Во уривањето на воениот авион Иљушин-76 во близина на Луганск загинаа 49 украински војници, информираат од украинската армија. Воениот транспортер бил соборен кога се приближувал кон аеродромот.
Според украинското Министерство за одбрана во авионот имало воен персонал, машинерија, опрема и средства за снабдување. Авионот наишол на силен „противвоздушен напад и жесток оган од тешко оружје“
На видеоснимките од инцидентот се гледа мал блесок на оган во небото, веројатно кога бил погоден големиот транспортер. Вториот блесок светлина, а кој е од експлозија на леталото, се гледа во моментот кога авионот паѓа на земја.
Областа во која е срушен воениот транспортер со недели е место на судири меѓу безбедносните сили на официјален Киев и милитантите од самопрогласената Народна Република Луганск.