Штетата нанесена на демократските општества и на долгогодишните стратешки сојузи за време на претседателствувањето на Доналд Трамп изгледа немаше потреба да се предизвика од операции со шпионажа, сајбер напади или кампањи за влијание. Трамп нанесува штета отворено и намерно, пред јавноста, од самиот центар на западната моќ.
Доволен е само еден површен поглед на вестите за да се види како глобалната сцена се трансформирала во спектакл на конфронтација, понижување и импровизација. Гледаме брутално реално шоу со смртоносни последици и намерно креирана конфузија, во кое само неколкумина дејствуваат како продуценти и режисери, додека поголемиот дел од човештвото е сведен на неволен учесник. Луѓето се несвесни дека и улогата на обичен набљудувач повеќе не постои. Сите се во машината за мелење месо.
Тоа нè води кон заклучокот дека разбирањето на светот сега станува обврска, а не луксуз. Ова е аргумент за последиците од таквиот свет.
Кога лидерите во земјите, кои сме навикнати да ги препознаваме како демократски, ги потценуваат и ослабуваат сојузите, го газат меѓународното право и го нормализираат презирот – дури и непријателството – кон институциите, науката, интелектуалците, слободните медиуми и граѓанското општество, тие не се единствените штетници. Тие создаваат пукнатини на кои авторитарните сили брзо реагираат и ги искористуваат, претворајќи го демократското назадување во двигател на нивната авторитарна експанзија и хегемонија низ целиот свет.
Последицата не е некој апстрактен пад на демократските стандарди, туку деструкција, конкретна и очигледна – преточена во страдање на цели нации, разнишани демократски и одбранбени сојузи, охрабрени агресори и милиони цивили изложени на масовно насилство.
Штетата нанесена на демократските општества и на долгогодишните стратешки сојузи за време на претседателствувањето на Доналд Трамп изгледа немаше потреба да се предизвика од операции со шпионажа, сајбер напади или кампањи за влијание. Трамп нанесува штета отворено и намерно, пред јавноста, од самиот центар на западната моќ. Сојузите се ослабени, партнерите јавно омаловажени, а споделените демократски норми се третираат како ѓубре. Ниту еден креатор на субверзивни операции водени од Кремљ или од Џонгнанхаи не можеше ни да сонува да постигне толкава стратешка штета толку брзо и по толку ниска цена како што тоа го стори Трамп за само една година.
Трамп го доведе во прашање функционирањето на НАТО одвнатре, ги третира сојузниците како противници и го отфрла меѓународниот поредок базиран на правила како да е тоа некаква непријатност, а не како извор на колективна безбедност. Она на што авторитарните режими со децении работеа да го урнат, тој го забрза и тоа со невидена вулгарност – со авторитетот на неговата функција, со спектакл како оружје, конфликтот како перформанс, гневот како основна валута, понижувањето како шема.
Не знаеме дали Доналд Трамп е марионета на Владимир Путин. Она што го знаеме е дека неговите постапки постојано ги унапредуваат стратешките цели на Кремљ – без разлика дали се водени од намера, рамнодушност, импулс или инстинкт. Намерата станува ирелевантна кога последиците ќе станат системски. Во таа смисла, Трамп ги исполни највлажните соништа на Путин без дури и да има потреба да се договара со него.
Со разнишување на демократската солидарност одвнатре, Трамп го испорача она што Москва го бараше од почетокот на Студената војна: поделен Запад, несигурен во себе и парализиран од внатрешна недоверба. Во исто време, тој на режимот на кинескиот лидер Си Џинпинг му го овозможи стратешкиот луксуз на трпението. Пекинг нема потреба да ескалира, да провоцира или да претерува; може едноставно да остане на курсот, додека САД ги ослабуваат сопствените сојузи.
Русија доби хаос. Кина доби време. Демократијата ја плати цената.
Она што следи понатаму веќе не е само прашање на свест и совест. Демократските лидери низ Европа и пошироко – во Канада, Австралија, Јапонија и во други земји, заедно со демократските сили во САД, сè повеќе ја препознаваат заканата како двојна.
Заканата доаѓа однадвор, во форма на координирана авторитарна агресија и ревизионизам. И доаѓа одвнатре, од авторитарни фигури, радикали на крајната десница и левица, и популистички движења кои ја ништат демократијата одвнатре и тоа со злоупотреба на самата демократија, а своите цели ги прикриваат со јазикот на револтот и идентитетска или идеолошка чистота.
Извесно е дека авторитарните сили во демократските општества не дејствуваат изолирано. Тие се активно охрабрувани, засилени и во многу случаи материјално поддржани од надворешните непријатели на демократијата, кои разбираат дека слабеењето на демократските општества одвнатре е поевтино, може лесно да се негира и најчесто е далеку поефикасно од директната конфронтација.
Овие операции, сепак, доведоа до резултат кој можеби не бил целосно предвиден во „бункерите“ на авторитарните сили. Линиите сега се појасни отколку што беа дури и пред неколку години. Пркосот повеќе не е латентен. Тој е видлив, гласен и се шири. Од Минеаполис до Њујорк, американското општество возвраќа. Низ цела Европа – од Берлин и Лондон до Хелсинки и Вилнус – демократските сили гледаат јасно, а владите повеќе нема да можат да се преправаат дека е поинаку. Ерата на игри, тактичка двосмисленост и илузијата дека авторитаризмот може да се управува или надмудри се ближи кон крајот.
Прашањето повеќе не е дали опасноста постои, туку дали демократските системи сè уште можат да дејствуваат доволно решително – и доволно брзо – за да ја сопрат наездата.
Тоа злокобно прашање останува неодговорено.
Препознавањето на состојбите на значи дека тоа ќе се претвори во акција самото по себе. Решителноста не гарантира брзина. А времето не е неутрално. Додека демократските општества дебатираат, се „калибрираат“ и се двоумат, украинските цивили живеат во секојдневната реалност на зимата како оружје, ракетни напади и терор од беспилотни летала од небото. Децата спијат во ходници, во подруми, во темница – не како трагичен нуспроизвод на војната, туку како наменски креиран исход на стратегијата на Кремљ, дизајнирана да го скрши моралот на населението.
Тоа е цената на одложувањето. Вака изгледа неизвесноста на терен. Ако демократијата не успее да премине од признавање кон акција, од вредности кон спроведување, историјата нема да забележи дека ѝ недостасувале предупредувања – ова е само едно од многуте – туку само дека се двоумела додека невините ја плаќале цената.
Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк





