Пратениците денеска на Законодавно-правната комисија ќе заседаваат за двата медиумски закони, предлог-законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во второ читање.
Владата до Собранието достави нови амандмани за медиумските закони, а амандмани најавија и неколку медиумски здруженија. Министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски ги најави владините интервенции во законите пред јавната расправа што се одржа на 13 август, но тогаш рече дека не ја исклучува можноста амандмани да бидат поднесени и како резултат на оваа расправа на која учествуваа и експерти од TAIEX, ОБСЕ и Советот на Европа.
Иако се очекува амандманската расправа да заврши до крајот на неделата, медиумските закони до денеска не се ставени на дневен ред на 69. седница закажана за во понеделник на 26 август.